Некогаш беше мало девојче кое нејзината славна мајка повремено ѝ го покажуваше на јавноста, а денес 22-годишната Клементина Вон се подготвува за еден од најгламурозните настани во Париз.
Ќерката на легендарниот супермодел Клаудија Шифер и филмскиот режисер Метју Вон наскоро ќе дебитира на престижниот бал „Le Bal des Débutantes“, а нејзината мајка во меѓувреме сподели трогателен спомен од нејзиното детство на Инстаграм.
Шифер (56), една од најголемите модни икони на деведесеттите има посебна причина за славење. Нејзината најстара ќерка Клементина на 11 ноември го прослави својот 22. роденден, а славната манекенка по тој повод ѝ посвети емотивна објава на Инстаграм.
Покрај старата фотографија на која ја држи малата Клементина во прегратка, Клаудија напиша: „Среќен 22. роденден, Клементина! Продолжи да блескаш, ти креативен, духовит, грижлив, упорен, мудар и прекрасен дијаманту“.
Роденденската честитка пристигна непосредно пред големиот настан за Клементина, која на 28 ноември ќе учествува на престижниот париски бал „Le Bal des Débutantes“.
Станува збор за ексклузивен општествен настан кој секоја година собира млади девојки од познати и влијателни семејства, а се одржува во луксузниот хотел „Shangri-La Paris“. На балот традиционално учествуваат околу 20 девојки, придружувани од своите кавалери. Дебитантките носат креации од престижни модни куќи, додека нивните придружници се облечени во фракови. Покрај гламурот, важен дел од настанот е и собирањето средства за хуманитарни цели.

Клементина оваа година ќе им се придружи на девојките меѓу кои се и Олимпија Баез-Ерера, внука на славната модна дизајнерка Каролина Ерера, како и Ирис де Керсозон, ќерка на филмскиот режисер и продуцент Артур де Керсозон. Клементина пораснала во Лондон и на семејниот имот во англиската област Сафолк, а интерес за модата покажува уште од најрана возраст.
Исто како и нејзината славна мајка, таа има долга руса коса и префинети црти на лицето, поради што странските медиуми често ја споредуваат со Клаудија од нејзините манекенски денови.
Иако пораснала далеку од постојаното медиумско внимание, Клементина сè повеќе навлегува во светот на модата. Студира уметност и мода, а веќе позирала и за „Вог“. Клаудија претходно открила дека нејзините ќерки Клементина и Космина обожаваат да го истражуваат нејзиниот гардеробер и да комбинираат облека што таа ја носела во текот на својата богата кариера.

„Обожавам да гледам како создаваат модни комбинации“, изјавила таа во 2023 година за „Гардијан“, додавајќи дека споделувањето облека, разменувањето парчиња и носењето винтиџ модни парчиња се сосема природни за генерацијата на нејзините ќерки.
Парискиот бал „Le Bal des Débutantes“ со години привлекува внимание токму поради познатите презимиња на неговите учеснички.
На овој настан претходно се појавиле и бројни ќерки на холивудски ѕвезди, меѓу кои Лили Колинс, Маргарет Куали, како и Скаут и Талула Вилис.
Пред две години особено внимание привлекла Епл Мартин, ќерката на Гвинет Палтроу и Крис Мартин, која исто така учествувала на гламурозниот бал.
Сега на ред е Клементина Вон, а нејзиното деби во Париз ќе биде можност да ѝ се претстави на пошироката јавност и да излезе од сенката на својата славна мајка.
Дали ќе тргне по стапките на Клаудија и посериозно ќе зачекори во светот на манекенството, останува да видиме. Но, едно е сигурно: со оглед на нејзиниот интерес за модата и познатото презиме што го носи, нејзиното појавување на парискиот бал ќе биде проследено со големо внимание.