[ФОТО] Адидас целосно ги промени култните „Самба“ патики: Новиот модел изгледа како елегантни чевли

Кармин

10/11/2026

15:23

935

Големина на фонт

а а а

Класичните патики „Адидас Самба“ добија неочекувано ново издание. Во соработка со тајванскиот бренд „INVINCIBLE“, „Адидас“ претстави три нови верзии на популарниот модел, а една од нив толку многу се разликува од оригиналот што на прв поглед повеќе потсетува на елегантни чевли отколку на спортски патики.

Моделот патики „Самба“ на „Адидас“ веќе со години не излегува од модниот фокус, а неговата популарност поттикна бројни соработки и нови интерпретации на препознатливиот дизајн.

Најновата верзија пристигнува како дел од колекцијата „INVINCIBLE x adidas Consortium“, која го претставува познатиот модел во малку поинакво издание.


Наместо само нови бои и материјали, овојпат акцентот е ставен на промената на конструкцијата и деталите што им даваат сосема нов изглед и карактер на патиките.

Најголемо внимание привлекува целосно црната верзија. Горниот дел и ѓонот се изработени во иста нијанса, додека назабените рабови на одредени кожни делови потсетуваат на деталите што можат да се забележат кај класичните елегантни чевли.


Особено се истакнува набраниот, еластичен отвор околу глуждот, кој го заменува вообичаениот раб на патиката и му дава на целиот модел необичен, речиси формален изглед.

Токму поради овие детали, црниот модел „Самба“ се оддалечува од својот спортски изглед и се доближува до естетиката на елегантните обувки.


Станува збор за модел кој би можел да ги привлече и оние кои вообичаено не избираат класични спортски патики.

Колекцијата вклучува вкупно три варијанти. Покрај црниот модел, достапни се и кафеава и беж верзија, кои го задржуваат препознатливиот облик на ѓонот на „Самба“.


И овие модели имаат карактеристичен набран отвор околу глуждот, додека на петицата се истакнува светол детаљ што создава контраст со остатокот од патиката.

Кафеавата и беж варијантата на тој начин задржуваат повеќе спортски карактер, но сепак носат доволно промени за да се разликуваат од класичните модели „Самба“.


Но, тоа не е сè. Со оваа соработка, „INVINCIBLE“ и „Адидас“ ја претставуваат и својата прва заедничка колекција облека. Таа вклучува јакна, џемпери, панталони со спортски крој и тренерки, со што соработката се проширува на целосна гардероба.


Колекцијата го носи името „Form In Motion“, а идејата е да се спојат спортските елементи со детали инспирирани од класичниот кројачки стил.

Глобалното лансирање е најавено за 13 ноември, преку избрани продавници на „Adidas Originals“ и апликацијата „CONFIRMED“.

Црната верзија, инспирирана од елегантните чевли, ќе биде достапна исклучиво на азискиот пазар, додека кафеавата и беж варијантата се предвидени за поширока продажба.

Малопродажните цени за глобалниот пазар засега не се официјално потврдени.


Спонзорирани линкови

Маркетинг

назад до tocka.com.mk