Чувајте се од оние што се смеат кога ви е тешко, говорел великанот на пишаниот збор и мајстор на психолошкиот реализам, кој преку своите дела ги истражувал длабочините и мрачните бездни на човечката душа.
Мудрите мисли на големиот Достоевски и денес се цитираат, помагајќи ни да ја разбереме суштината на животот, а кога ќе се најдеме во дилема, не знаејќи како да одговориме на злото, можеби ќе се сетиме и на неговиот совет дека „не треба да се победува со сила, туку со смирена љубов“...
Еден од најголемите писатели откако постои книжевноста, великан чии романи се сметаат за ремек-дела со огромно влијание, бил и извонреден познавач на човечката психа. Фјодор Михајлович Достоевски проникливо и храбро истражувал различни морални дилеми и болни општествени теми, анализирајќи ги од перспектива на врвен психолог и филозоф. Мајсторски навлегувал во човечката душа, ум и дух, прикажувајќи ги внатрешните судири, страстите, вината и спасението.

Поимот зло го обработувал од етички аспект, обидувајќи се да ги проникне негативните и неприфатливите облици на однесување и размислување, но и да нè предупреди на методите што ги користат лицата во кои се крие сè што е спротивно на доброто.
„Злобата ретко се манифестира со викање или отворена агресија. Почесто се крие зад убавите манири, нежноста, шармантната насмевка и (претераната) грижа. Злата личност остава непријатен вкус по интеракцијата со неа – чувство на празнина, искористеност и блага срамежливост поради довербата што сме ѝ ја укажале. Нападите на злите луѓе се невидливи, но прецизни и ги погодуваат најранливите места“, напишал славниот книжевник во едно од своите дела, а вака неговите зборови ги толкуваат експертите на нашето време, објаснувајќи ни како да ги препознаеме злите луѓе.
Тие дејствуваат преку други луѓе
Директните обвинувања не се нивна метода. Наместо тоа, тие вешто им навестуваат нешто на трети лица, пренесуваат информации попатно или ги провоцираат другите да ве критикуваат. Кога ќе се обидете да ги обвините, кога ќе вперите прст во нив, тие искрено се изненадени: „Но, јас ништо не реков!“. Технички остануваат невини, но потајно ви нанесуваат болка.

Тие се смеат кога ве боли
Нивната насмевка во моментите на вашата слабост е еден од главните знаци дека не ви мислат добро. Под маската на пријателството се крие студено уживање во туѓата непријатност. Фразите како „Толку си наивен“ или „Ти реков“ ги изговараат со блага насмевка што сече подлабоко од директна навреда.
Ве тераат да се сомневате во себе
Ако се обидете да укажете на проблемот, злата личност мајсторски ќе ја извртe ситуацијата. „Погрешно си разбрал“, „Премногу си емотивен“, „Јас не го реков тоа“ – овие фрази нè тераат да се оправдуваме и да ја бараме вината во себе, наместо во нивното однесување. Реалноста постепено се искривува и на крајот ќе ја изгубиме внатрешната потпора.

Зборуваат убаво, но не преземаат одговорност
Нивните зборови можат да звучат убедливо, дури и искрено. Знаат како да се извинат, да објаснат и да даваат ветувања. Но, тие зборови никогаш не се претвораат во дела, а изостанува и евентуалното признавање на вината. Одговорноста секогаш се префрла на околностите или на – вас. Нивната цел е да ја задржат контролата над вас, а не да го решат проблемот.
Во истиот миг се претвораат во жртви
Штом се обидете да поставите граници или да го изразите своето незадоволство, фокусот се пренасочува. Сега тие се оние што страдаат: повредени се, се борат, збунети се... Наместо да разговарате за своите чувства, несвесно почнувате да ги тешите и оправдувате, заборавајќи ја првичната причина за разговорот.

Ве погодуваат токму таму каде што сте најранливи
Злата личност е одлична во проценувањето на вашите слабости, стравови и доверени тајни. Во вистинскиот момент, овие информации ќе ги искористи против вас – како „ненамерен“ лапсус пред други луѓе или како причина за расправија во која вината, се разбира, нема да ја преземе врз себе. Тоа е насочен напад што ја уништува довербата и остава чувство на длабоко предавство.
Што треба да направите ако препознаете таква личност?
Најважно е да не се обидувате да ја превоспитате. „Злобата е внатрешна стратегија, а не случајна грешка“, рекол Достоевски. Најразумниот чекор е постепено дистанцирање, а потоа сведување на комуникацијата на минимум или, пак, целосен прекин на контактот.















