Отворањето на ресторан за донер во Дортмунд се претворило во големи нереди, откако сопствениците најавиле продажба на донери по цена од само едно евро. Пред локалот се собрале стотици луѓе, меѓу кои имало и голем број малолетници, а ситуацијата набрзо излегла од контрола.
Пред отворањето, сопствениците на социјалните мрежи рекламирале специјална понуда и наградни игри, во кои посетителите можеле да освојат „Ајфон 18 Про Макс“ или патување во Саудиска Арабија (исламски аџилак).
Поради огромниот интерес, тие ангажирале и обезбедување, но обезбедувачите не успеале да ја контролираат насобраната толпа.
Кога ситуацијата ескалирала, сопственикот повикал полиција. Меѓутоа, пристигнувањето на полицајците предизвикало дополнителни судири. Насобраните луѓе ги гаѓале полицајците со шишиња, камења, пиротехнички средства, електричен тротинет, па дури и со стол, пишува „Кронен Цајтунг“.
Со камења било оштетено и едно полициско возило, а поради нередите привремено бил прекинат трамвајскиот сообраќај во близина на локалот.
Полицијата морала да повика засилување, вклучително и специјални интервентни единици, додека ситуацијата од воздух ја надгледувал хеликоптер.
„Веќе извесно време сме сведоци на тоа дека поединци користат различни настани и јавни собири исклучиво за да предизвикуваат насилство“ изјавил началникот на полицијата во Дортмунд, Тим Фромајер.
За време на интервенцијата, полицијата кај едно лице кое одбило да ја напушти областа пронашла гасен пиштол.
Едно лице било привремено приведено, а покренати се повеќе кривични постапки поради насилно нарушување на јавниот ред и мир, оштетување имот и навреди.
Меѓу осомничените за нападите, наводно, има и деца. Нема повредени лица.
Полицијата сега ги прегледува видеоснимките со цел да ги идентификува останатите учесници во нередите.
Се истражува и можната одговорност на сопственикот на локалот, кој би можел да биде принуден да ги плати трошоците за полициската интервенција.
Според зборовите на портпаролката на полицијата, сопствениците, поради интензивното рекламирање и најавените наградни игри, морале да очекуваат голем број посетители.
Еден од сопствениците, кој на социјалните мрежи се претставува како Мусти, за време на нередите објавил дека најавените наградни игри се откажуваат.
„Пријатели, денес нема да ја одржиме наградната игра за умра (исламски аџилак), ниту пак онаа за Ајфон. Настана преголем хаос“ порачал тој.
Сопствениците тврдат дека пред локалот се собрале повеќе од илјада луѓе.
„За жал, некои воопшто не знаеја како да се однесуваат, а ние не поддржуваме такво однесување“ навеле тие на Инстаграм и најавиле дека дополнително ќе се произнесат за настанот.
















