Туки Смит, американската актерка и поранешна манекенка, која на пошироката јавност ѝ е позната и како поранешна партнерка на холивудската легенда Роберт де Ниро, почина на 74-годишна возраст.
Оваа тажна вест ја потврдија нејзините деца Ерин и Џулијан де Ниро, кои ги доби за време на љубовната врска со славниот актер.
Туки почина на 4 ноември во болница во Њујорк, по „долга и тешка борба со мултипла склероза“, а нејзиното семејство се прости од неа со емотивни зборови.
„Туки беше вистинска сила на природата. Таа остави неизбришлива трага во нашите срца и во животите на сите што ја имаа среќата да ја познаваат“ порачаа нејзиниот син и ќерка.
Која беше Туки Смит?
Родена како Дорис А. Смит на 25 септември 1952 година во Филаделфија, таа потекнувала од скромно семејство. Нејзината мајка работела во фабрика, додека татко ѝ бил локален месар. Пораснала со двајца браќа, од кои едниот е Вили Смит, денес познат моден дизајнер.
Туки ја започнала својата кариера како манекенка на 20-годишна возраст, а во текот на долгата и успешна кариера соработувала со некои од најголемите модни куќи во светот, меѓу кои „Шанел“, „Версаче“ и „Муглер“. Таа имала можност да го рекламира и брендот „ВилиВеар Лтд“, кој бил во сопственост на нејзиниот брат.

Со манекенство започнала да се занимава по студиите на њујоршкиот Институт за модна технологија, а не ѝ било потребно многу време за да стане едно од најпознатите лица во модната индустрија во седумдесеттите години.
Покрај тоа, стоковната куќа „Bloomingdale’s“ во 1978 година ја прогласила за манекенка на годината, а ликот на Туки Смит ги красел страниците на најпрестижните модни списанија, меѓу кои „Вог“, „Ебони“ и „Космополитен“.

Откако постигнала огромен успех во светот на модата, Туки се посветила на актерството, а публиката, меѓу другото, ја памети и по улогата на Ева Роли во популарната комична серија на NBC, „227“, во која глумела во четвртата и петтата сезона.
Актерката се појавила и во серијата „Пороците на Мајами“, како и во филмовите „Станот на Џо“ и „Сопругата на свештеникот“, покрај легендарните Витни Хјустон и Дензел Вашингтон.

Таа, исто така, била и успешна претприемачка во угостителството. Своевремено основала кетеринг-компанија под името „Toukie’s Taste“, а подоцна отворила и ресторан „Toukie’s“ на Менхетен, кој дел од своите приходи ги издвојувал за хуманитарни цели.
Љубовта со Роберт де Ниро ѝ го одбележала животот
Туки не била типична ѕвезда и се трудела да ја зачува својата приватност од медиумите колку што е можно повеќе, но својата најголема љубов не успеала да ја скрие. Тоа бил Роберт де Ниро, во периодот кога важел за една од најголемите филмски ѕвезди во светот и еден од најпосакуваните мажи во Холивуд.

Де Ниро и Туки Смит ја започнале својата љубовна врска во 1988 година, а останале заедно до 1996 година. Во октомври 1995 година, парот добил близнаци, синот Џулијан и ќерката Ерин, кои се родиле со помош на сурогат-мајка, што во тоа време било значително поретка практика отколку денес.

Иако нивните патишта се разделиле, Туки и славниот актер останале пријатели, а таа продолжила да ги чува сите детали од нивниот семеен живот далеку од очите на јавноста.

„Она што е прекрасно кај приватниот живот е токму тоа што е приватен“ истакнала Смит во едно интервју.












