Изречена пресудата за Расел Бренд: Еве колку години ќе помине зад решетки

Точка

09/11/2026

17:35

894

Големина на фонт

а а а

Актерот и комичар Расел Бренд е осуден на десет години и шест месеци затвор за силување на една жена и сексуални напади врз уште три жени, извршени во периодот кога неговата кариера била на врвот на популарноста.

Пресудата за 51-годишниот Бренд е изречена во Крунскиот суд во Саутварк, Лондон, по судење кое траело четири недели, пишува „Гардијан“.

Детали за пресудата

За време на судењето, Бренд бил опишан како безмилосен и манипулативен сексуален предатор. Тој бил прогласен за виновен за силување на 21-годишна обожавателка и сексуални напади врз уште три жени. Злосторствата биле извршени во одделни инциденти меѓу 2004 и 2009 година.


Истовремено, бил ослободен од обвиненијата за уште две силувања и обид за недоличен напад.

Полицијата потврди нови истраги

По осудувањето на Бренд, лондонската Метрополитенска полиција потврди дека против него води истрага за уште две пријави за силување.

Полицискиот комесар Марк Роули во петокот за „Times Radio“ бил директен: „Истражуваме уште две обвиненија за силување. Ги повикуваме сите останати кои имаат какви било поплаки да нѝ се обратат“. Подоцна, за „BBC Breakfast“, додал: „Не би ме изненадило доколку се јават уште многу луѓе“.

Неодамна се огласил и детективот Енди Ферфи, кој особено ја истакнал храброста на жените кои одлучиле да пријават сексуално насилство.


Тој нагласил дека жените за време на судската постапка биле изложени на голем притисок од јавноста и медиумите и дека морале повторно да ги преживуваат трауматичните искуства.

„Иако беа под огромен притисок од медиумите и јавноста, тие повторно ги преживеаја длабоко личните и трауматични искуства и нѝ ја дадоа својата доверба. Без нивната храброст, ваквиот исход немаше да биде можен“, додал тој.


Детективот истакнал и дека славата и општествениот статус на Бренд не смееле да бидат пречка за неговото кривично гонење.

„Бренд го користеше своето влијание, статус и слава за да искористува и сексуално злоупотребува жени. Како што растеше неговата популарност, така растеше и неговото чувство дека сè му е дозволено. Се надевам дека оваа пресуда јасно покажува дека никој не е над законот, без оглед на славата или моќта“, заклучил Ферфи.