Навидум безопасен ритуал за прием во училишна танцова група ќе предизвика низа застрашувачки настани што ќе го потресат целиот град.
На 11 ноември, Нетфликс ќе ја објави новата серија „The Body“, мрачна тинејџерска драма која комбинира натприродни појави, забранети желби и тајни што некои девојки би сакале засекогаш да останат скриени.
Што се случува кога тинејџерската желба за припадност ќе отиде предалеку? Токму ова прашање е во центарот на новата серија на Нетфликс, „The Body“, која пристигнува на стриминг-платформата во среда, на 11 ноември. Станува збор за серија од осум епизоди, која на необичен начин ги спојува созревањето, училишните ривалства, религијата и натприродниот хорор.
Дејството е сместено во католичко училиште за девојки, а во центарот на приказната е танцовата група „Lions“, чии членки се обидуваат да ги усогласат строгите училишни правила со својот значително побунтовен начин на живот. Но, еден ритуал за прием на нова членка ќе го претвори нивното секојдневие во нешто што ниту една од нив не можела да го замисли.
Ритуал што предизвикува низа застрашувачки настани
Сè започнува кога капитенките на танцовата група, Ања и Елиз, одлучуваат да организираат ритуал за прием на новата членка Грејс. Она што требало да биде уште едно необично тинејџерско искуство се претвора во ритуал под дејство на дрога, за време на кој девојките повикуваат мрачни сили.
„Принцу на темнината, прифати ја оваа најсвета девствена жртва, а за возврат дозволи нѝ да се пласираме на регионалниот натпревар!“, изговара Елиз додека девојките ја опкружуваат новата членка на групата.
Набргу потоа почнуваат да се случуваат необјасниви работи. Грејс се однесува сè почудно, стравот се шири низ училиштето, а последиците од ритуалот постепено го зафаќаат и остатокот од малиот град.
Девојките сфаќаат дека предизвикале нешто што повеќе не можат да го контролираат, а истовремено се обидуваат да го скријат она што се случило за време на кобната ноќ.
Во центарот на мистеријата се наоѓа едно прашање што сè повеќе ги преокупира жителите на градот: Што се случило со Грејс?
Хорор, хумор и созревање во една приказна
Иако најавното видео изобилува со вознемирувачки сцени и натприродни елементи, „The Body“ не е замислена како класична хорор-серија. Нејзината авторка Квин Шепард, позната по работата на криминалистичката драма „Under the Bridge“, номинирана за наградата „Еми“, ја опишува како спој на тинејџерска психолошка драма, црн хумор и католички хорор.
„Буквално ја создадов за мојата тинејџерска верзија“, изјавила Шепард за платформата „Tudum“ на Нетфликс. Таа објаснила дека серијата делумно е инспирирана од нејзините сопствени непријатни искуства за време на растењето, но и од филмовите што ја одбележале нејзината младост.

Меѓу своите инспирации ги наведува култните филмови како „Carrie“, „Jennifer’s Body“, „Heavenly Creatures“ и „Mean Girls“, а значајно влијание имала и драмата „The Crucible“ на Артур Милер.
„Серијата во одредени моменти може да биде многу смешна, но истовремено и тажна или застрашувачка“, истакнала авторката.
Познати актерски имиња
Главните улоги ги толкуваат Кристина Богич како Ања, Сара Бустани како Елиз и Софија Вајли како Грејс, девојката околу која почнува да се развива сè помрачна мистерија. Дел од актерската екипа се и Џина Месарос, Ширли Чен и Габи Винди, победничката на американското реално шоу „The Traitors“.
Шепард особено ги пофалила младите актерки, истакнувајќи дека уште за време на аудициите ја препознала нивната меѓусебна поврзаност и потенцијал. „Уште од нивните први снимки од аудициите чувствував дека во нив има нешто посебно“, изјавила таа, додавајќи дека ѝ претставувало огромно задоволство да го следи развојот на нивните ликови.

Меѓу извршните продуценти на серијата се и актерката Рајли Кио и Џина Гамел, кои работат на проектот преку продукциската куќа „Felix Culpa“.
Зад натприродниот хорор се крие лична приказна
Зад застрашувачките настани, религиозните симболи и тинејџерските конфликти се крие приказна за идентитетот, потиснувањето на чувствата и притисокот со кој се соочуваат младите за време на растењето.
Шепард објаснила дека серијата на сатиричен начин ги обработува и нејзините лични искуства од растењето како квир личност, вклучувајќи го чувството на збунетост и потребата да го крие сопствениот идентитет.

Сите осум епизоди пристигнуваат на Нетфликс на 11 ноември, а судејќи според најавното видео, гледачите ги очекува необична комбинација од носталгија за почетокот на 2000-тите години, црн хумор и мистерија што постепено излегува од контрола.










