Шасивари – Рокас: Напредокот во правосудството и европските реформи во фокусот на средбата

Макфакс

10/11/2026

07:30

319

Големина на фонт

а а а

Министерот за правда Јетон Шасивари и амбасадорот на Европската Унија Михалис Рокас остварија средба посветена на напредокот во реформите во правосудството и европските интеграции, со акцент на Извештајот на Европската комисија и зајакнувањето на владеењето на правото.

Министерот за правда, Јетон Шасивари, оствари работна средба со амбасадорот на Европската Унија, Михалис Рокас, на која се разговараше за напредокот во спроведувањето на реформите во правосудството и понатамошните приоритети во процесот на европската интеграција.

За време на средбата, амбасадорот Рокас му го презентираше на министерот Шасивари Извештајот на Европската комисија за 2026 година, со посебен акцент на оценките и препораките што се однесуваат на надлежностите на Министерството за правда.

На средбата беше поздравен досегашниот напредок во спроведувањето на реформите во правосудството, како и подобрувањето на оценките во актуелниот извештај во споредба со минатата година. Истовремено, беше нагласена важноста од одржување на реформската динамика и продолжување на институционалните заложби за исполнување на препораките на Европската комисија и обврските што произлегуваат од Реформската агенда.

Министерот Шасивари изрази благодарност за континуираната поддршка од Европската Унија, истакнувајќи дека позитивните оценки претставуваат потврда за досегашната работа, но и дополнителна одговорност за продолжување на реформите насочени кон зајакнување на владеењето на правото, независноста на судството и ефикасноста на правосудните институции.

На крајот од средбата беше потврдена заедничката посветеност за продолжување на тесната соработка меѓу Министерството за правда и Делегацијата на Европската Унија, со цел евидентираниот напредок да се преточи во конкретни и одржливи резултати за граѓаните.