Додека неговиот поранешен лекар тврди дека не му се потребни многу часови сон, експертите предупредуваат на скриените опасности од таквиот начин на живот.
Американскиот претседател Доналд Трамп е познат по тоа што спие исклучително малку, само четири до пет часа дневно. Неговиот работен ден често завршува дури по полноќ, а се буди уште во пет часот наутро.

Иако неговиот поранешен личен лекар тврдел дека на Трамп едноставно не му е потребен многу сон и дека така функционира целиот свој живот, многу здравствени експерти предупредуваат дека таквиот ритам на живот на 80-годишна возраст може да има сериозни последици.
Опасно „хакирање“ на сонот
На повеќето возрасни луѓе им се потребни меѓу седум и девет часа сон за организмот целосно да закрепне. За време на спиењето, телото ги обновува ткивата и го зајакнува имунитетот, додека мозокот ги обработува информациите и ја зацврстува меморијата.
Поради густиот распоред и бројните обврски, многу луѓе денес се свртуваат кон таканареченото „хакирање на сонот“, односно намерно скратување на времето за спиење со помош на стимуланси или строги распореди.

Научните истражувања потврдуваат дека постои многу мала група луѓе со специфична генетска мутација кои можат да функционираат со само пет часа сон, без штетни последици. Сепак, лекарите нагласуваат дека таквите поединци се исклучок, а не правило.
Долгорочни опасности од недоволен одмор
Кај повеќето луѓе, долготрајниот недостиг на сон остава сериозни последици и врз физичкото и врз менталното здравје.
Хроничниот недостиг на одмор доведува до забавени реакции, отежнато донесување одлуки и емоционална нестабилност. На физичко ниво, недостигот на сон предизвикува зголемено ниво на хормоните на стрес и го нарушува метаболизмот.

На долг рок, ваквиот начин на живот значително го зголемува ризикот од кардиоваскуларни заболувања, дебелина, дијабетес и забрзано стареење на организмот.
Како да обезбедите поквалитетен сон
За сите кои имаат проблеми со спиењето, експертите предлагаат неколку едноставни и ефикасни чекори. Исклучително е важно во спалната соба да има целосна темнина, бидејќи надворешната светлина го нарушува природниот ритам на телото и го отежнува влегувањето во длабок сон. Исто така, се препорачува дишење низ нос, што го намалува ’рчењето и овозможува подобро снабдување на организмот со кислород.
Една од попопуларните техники е и воениот метод за заспивање, кој вклучува постепено опуштање на сите мускули на лицето и телото, додека мислите се насочуваат кон смирувачки сцени.

На крајот, експертите нагласуваат дека креветот треба да се поврзува исклучиво со спиењето, па затоа користењето мобилен телефон, гледањето телевизија или размислувањето за работните обврски додека сте во кревет треба целосно да се избегнуваат.










