СДСМ: Мицкоски признал дека одлучувал за влезот на Алта банка во Македонија, бараме истрага

Макфакс

07/11/2026

15:10

334

Големина на фонт

а а а

СДСМ обвини дека премиерот Христијан Мицкоски лично одлучувал за влезот на „Алта банка“ во Македонија, повикувајќи се на изјави на гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, и на самиот премиер. Опозициската партија бара обвинителството да отвори истрага за Мицкоски, Славески и министерката Гордана Кочоска, како и да се вклучи Европското обвинителство за проверка на текот на парите поврзани со банката.

Во партиското соопштение од денешната прес-конференција на портпаролката и членка на Извршниот одбор на СДСМ, Богданка Кузеска, се наведува дека јавноста во ист ден добила две признанија – од Мицкоски и од Славески.

Од СДСМ тврдат дека Славески потврдил оти одлуката за влез на „Алта банка“ во Македонија ја донел премиерот, а како стратешка гранка, според неговата изјава, требало да бидат задоволени условите на „политичка сензитивност“.

„Ова е директна потврда на она што СДСМ го говори веќе 11 месеци, Мицкоски и Славески ја донесоа пералната на пари на Вучиќ со сомнителен капитал во Македонија“, наведуваат од партијата.

Опозицијата ги обвинува Мицкоски и Славески за состојбата со банката, посочувајќи дека граѓаните и пензионерите не можат да пристапат до своите пари, а правните лица не можат да исплаќаат плати. Од СДСМ тврдат дека дозволата за работа на банката му била дадена на Давор Мацура, за кого велат дека претходно бил сопственик на менувачница.

„Давор Мацура прво доби дозвола од Вучиќ, па потоа од Мицкоски“, наведуваат од СДСМ.

Од партијата велат дека откриле и документи, односно записник од владина седница, од кој, според нивното толкување, се гледа дека Владата на Мицкоски донела заклучоци со кои акции од државни претпријатија биле понудени во интерес на Мацура и „Алта банка“.

СДСМ тврди дека во Европа имало санкции и суспензии поврзани со „Алта банка“, додека во Црна Гора имало одбивање и притисоци што не успеале. Во соопштението се изнесуваат и обвинувања за наводна поврзаност на формалниот сопственик Давор Мацура со мрежа на криминал, корупција и пари од дрога, како и тврдења дека во Србија има стечај, апсење и истрага.

Опозицијата ја отвора и темата за најавата на Мицкоски дека ќе преговара со потенцијални купувачи на „Алта банка“ во Македонија, прашувајќи како премиерот може да учествува во такви разговори кога Народната банка е независна институција.

„Исто како и првиот пат кога ја донесоа Алта банка во Македонија, односно ја увезоа од нивниот ментор Вучиќ. Исто така, Мицкоски одлучил. „Сензибилитет“. Тој донел одлука за влез на банката на кланот на Вучиќ преку Мацура. Сега тој носи одлука да се продава“, се наведува во соопштението.

Од СДСМ прашуваат колку пати Мицкоски разговарал со српскиот претседател Александар Вучиќ за „Алта банка“, колку пати се сретнал со Мацура и дали на тие средби се разговарало за провизии.

Партијата бара и проверка на наводите за 80 милиони евра во готовина или соодветни парични еквиваленти, колку што, според нив, е наведено во билансот на банката.

„Дали во трезорот и документите на Алта Битола постојат 80 милиони евра кеш или соодветни кеш еквиваленти? Толку стои во билансот на банката. Имаше доволно време тоа да го провери и бараме веднаш да се огласи“, прашуваат од СДСМ, додавајќи дека, според нив, такви средства не постоеле во банката на Мацура во Белград.

Во соопштението, СДСМ ги повикува и вработените во Народната банка да не подлегнуваат на, како што велат, притисоците и заплашувањата од власта, а најавува и одговорност за сите што евентуално го прекршиле законот.

На крајот, партијата бара обвинителот Љупчо Коцевски веднаш да отвори истрага за Мицкоски, Славески и Кочоска, како и Европското обвинителство да се вклучи во проверката на сите финансиски текови поврзани со „Алта банка“.

„Сите вмешани во скандалот со Алта банка да одговараат!“, порачуваат од СДСМ.