Почина Џеј Рокфелер, Робин Худ меѓу Рокфелерови: Живеел со рударите и трошел 50 долари месечно, додека неговото семејство „пливало“ во пари

Точка

06/11/2026

18:40

693

Големина на фонт

а а а

Иако потекнувал од семејство чие презиме стана синоним за огромно богатство и политичко влијание, Џеј најголемиот дел од животот им го посвети на сиромашните заедници, здравствената заштита и работничките права.

Џон Д. Рокфелер IV, кој во средината на шеесеттите години од минатиот век, како социјален работник и наследник на милионско богатство, одлучил да живее со рударите на јаглен во Апалачите, а потоа станал двократен гувернер на Западна Вирџинија и петкратен сенатор на Соединетите Американски Држави, почина денеска во својот дом во Вашингтон. Имаше 89 години.

Неговото семејство ја потврди смртта, а веста ја соопшти претставничката на семејството, Шели Роџерс.

Тој бил правнук и истоименик на основачот на компанијата „Standard Oil“, што му обезбедило национална препознатливост, дури и поголема од онаа што ја стекнал со извршувањето на функцијата гувернер на својата сојузна држава, од 1977 до 1985 година.

За разлика од повеќето свои роднини, кои биле поврзани со Републиканската партија, Џеј Рокфелер бил демократ и во текот на политичката кариера изградил претежно либерален профил. Најголемиот дел од својот политички ангажман го поминал во Сенатот, каде што особено се залагал за правата на воените ветерани, подостапното здравствено осигурување и безбедноста на рударите.


Роден е на 18 јуни 1937 година на Менхетен, како единствен син меѓу четирите деца на Џон Дејвисон Рокфелер III и Бланшет Фери Хукер Рокфелер. Неговиот татко бил познат филантроп и еден од клучните луѓе заслужни за основањето на њујоршкиот „Lincoln Center“. Семејството го нарекувало Џеј, прекар што требало да му помогне да изгради сопствен идентитет, независен од славното презиме.

Сепак, кога наполнил 21 година, одлучил да го прифати целосното семејно име и одговорноста што тоа ја носело. Се школувал на академијата „Phillips Exeter“, а потоа на Универзитетот Харвард, каде што студирал јазици и историја на Далечниот Исток. Постдипломските студии ги продолжил на Универзитетот Јејл, каде што се занимавал со историја на Азија и кинески јазик.

Иако семејното потекло и врските му отворале бројни можности, сакал да го искуси животот надвор од светот на богатството. Извесно време поминал во Јапонија, каде што живеел со само 50 долари месечно, а потоа му се приклучил на Мировниот корпус и работел во програмата за борба против сиромаштијата.

Пресвртниот момент се случил кога во 1964 година заминал во Емонс, сиромашна заедница во Западна Вирџинија. Повеќето жители живееле од социјална помош, многумина не знаеле да читаат и пишуваат, а рудниците за јаглен биле затворени или работеле со минимален број вработени.


Мештаните првично биле недоверливи кон човекот што го носел презимето Рокфелер. Сепак, по шест месеци успеал да организира прв состанок на заедницата, а потоа покренал бејзбол-тим за деца, граѓанско здружение, библиотека и редовна автобуска линија до Чарлстон.

Токму тоа искуство, како што подоцна раскажувал, му го променило животот и го уверило дека сака да се занимава со јавна служба.

Во 1966 година се преселил во Чарлстон и влегол во политиката како демократски кандидат за место во Претставничкиот дом на Западна Вирџинија. Подоцна станал државен секретар, а во 1972 година првпат се кандидирал за гувернер. Изгубил од републиканецот Арч Мур, но четири години подоцна повторно се кандидирал и убедливо победил, со поддршка на рударската индустрија.

За време на првиот гувернерски мандат се противел на површинската експлоатација на јаглен поради штетата што ја нанесува на земјиштето и животната средина. Меѓутоа, подоцна го ублажил својот став, тврдејќи дека методите за обновување на земјиштето биле доволно унапредени. Критичарите ја нарекувале неговата промена на политиката опортунизам.

Повторно бил избран во 1980 година, но неговиот втор мандат го одбележала тешка економска криза. Невработеноста во Западна Вирџинија достигнала 21 отсто, што тогаш било највисоко ниво во Соединетите Американски Држави, поради што неговата администрација била принудена да спроведе големи буџетски кратења.


Во 1984 година бил избран за сенатор, а на таа функција останал во следните 30 години. Во текот на сенаторската кариера претседавал со одборите за трговија, разузнавачки работи и прашања поврзани со ветераните, а бил реизбран дури четири пати.

Особено се залагал за подостапно здравствено осигурување. Заедно со сенаторот Едвард Кенеди ја поддржал здравствената реформа на Бил и Хилари Клинтон од 1993 година, која на крајот пропаднала поради силното противење на здравствената индустрија. Четири години подоцна бил еден од авторите на законот со кој бил воспоставен Програмот за здравствено осигурување на децата (CHIP), благодарение на кој милиони деца од семејства со ниски приходи добиле пристап до здравствена заштита. Ја поддржал и реформата на здравствениот систем на Барак Обама од 2010 година.

По терористичките напади од 11 септември 2001 година, првично ја поддржал инвазијата на Ирак, потпирајќи се на тврдењата на администрацијата на Џорџ Буш дека Садам Хусеин поседува оружје за масовно уништување. Меѓутоа, неколку години подоцна, како претседател на Одборот за разузнавачки работи, го надгледувал изготвувањето на извештај во кој било наведено дека американската администрација ја вовлекла земјата во војна врз основа на лажни претпоставки.

Рокфелер бил и еден од најгласните застапници за построги казни за прекршување на прописите за безбедност во рудниците. По експлозијата во рудникот „Upper Big Branch“ во 2010 година, во која загинале 29 рудари, се залагал за одговорност на раководителите на рударските компании.


За време на изборите за Сенатот трошел огромни суми од сопствените пари, поради што противниците го обвинувале дека ги купува гласовите. Не се извинувал за своето богатство и отворено признавал дека е еден од најбогатите сенатори.

Покрај раскошната куќа во Чарлстон, поседувал имот од околу 3.000 хектари во Западна Вирџинија, вила во Вашингтон и ранч во Вајоминг. Сепак, и покрај богатството и влијателното потекло, најголемиот дел од својата политичка кариера го поврзал со Западна Вирџинија, државата во која, како што велел, ја пронашол својата животна мисија.

По смртта на сенаторот Роберт Берд во 2010 година, станал сенаторот со најдолг стаж од Западна Вирџинија. Не се кандидирал за шести мандат и се повлекол од Сенатот во јануари 2015 година, на 78-годишна возраст.

Бил во брак со Шерон Перси, ќерката на сенаторот Чарлс Перси, со која се венчал во 1967 година. Зад себе оставил четири деца и девет внуци.