Франција пред четврти викенд протести: Над половина милион луѓе на генерален штрајк

Макфакс

07/11/2026

15:50

330

Големина на фонт

а а а

Франција влегува во четврти последователен викенд на протести, откако синдикатите, младинските организации и движењето „Жолти елеци“ повторно повикаа на масовни собири низ целата земја. Незадоволството поради растот на цените, ниските плати и недоволните социјални надоместоци продолжува да мобилизира стотици илјади граѓани.

Во текот на неделата беа организирани блокади и протестни акции, а во четвртокот беше одржан и генерален штрајк. Според податоците на француското Министерство за внатрешни работи, во него учествувале повеќе од половина милион луѓе, додека синдикатот ЦГТ проценува дека бројот на учесници достигнал речиси 1,6 милиони.

За време на викендот се очекува засилено полициско присуство. Во секој од претходните три викенди биле распоредени околу 70.000 полицајци, по насилните инциденти и грабежите што ги следеле протестите.

Незадоволството првично започнало со студентски протести за подобрување на образовниот систем, но во изминатите недели кон нив се приклучиле стотици илјади граѓани. Меѓу главните причини за протестите се зголемените трошоци за живот, ниските плати и недоволните социјални надоместоци.

Како одговор на незадоволството, францускиот премиер Себастијан Лекорну најави дека во понеделник ќе одржи конференција со синдикатите и здруженијата на работодавачи. На средбата ќе се разговара за куповната моќ на граѓаните и висината на платите.

Владата најави и зголемување на минималната плата, дополнителни вработувања во училиштата и обезбедување повеќе средства за нивно финансирање.