За автомобилот знаеш кога е следниот сервис. Чуваш сметки, следиш километража и реагираш кога ќе се вклучи предупредувачка светилка. А ако некој те праша кога последен пат си го проверил крвниот притисок или си разговарал со матичниот лекар за превентивен преглед, дали одговорот ќе ти дојде толку лесно?
Токму овие прашања се во фокусот на „Чувај го она што е важно“, порака на dm drogerie markt за подигање на свеста за машкото здравје. Во текот на целиот ноември, преку информативни содржини, соработки со лекари, нутриционисти и инфлуенсери, како и активности во теретани, dm ќе ги поттикнува мажите да посветат повеќе внимание на превенцијата, менталното здравје и секојдневната грижа за себе. Почетокот може да биде едноставен: закажан разговор со лекар и неколку подготвени информации за сопственото здравје.
„Сакам да проверам кои прегледи ми се потребни според мојата возраст и здравствена историја“ е сосема доволна причина да го започнеш разговорот. Прашај кога треба да го провериш крвниот притисок и дали, според твоите ризици и претходни резултати, е потребна проверка на шеќерот и холестеролот во крвта. Разговарај и за други превентивни прегледи што може да бидат соодветни за тебе. Нивниот избор и зачестеност зависат од возраста, здравствената состојба, семејната историја и животните навики.
Не мора однапред сам да избираш пакет анализи. Побарај лекарот да ти објасни што се проверува, зошто и кога треба да ја повториш проверката. Ако те загрижува простатата, прашај дали ти е потребна уролошка проценка и дали ПСА-тестирањето е соодветно за тебе. Одлуката се носи со лекар, според индивидуалниот ризик и по разговор за придобивките и ограничувањата на тестот.
За посетата да биде покорисна, во телефонот запиши ги прашањата што сакаш да ги поставиш. Ако имаш тегоби, забележи кога почнале, колку често се јавуваат и дали нешто ги влошува или олеснува. „Се будам трипати во текот на ноќта за да мокрам“ му дава на лекарот појасна информација од „нешто не ми е како порано“. Направи список на лековите, витамините и додатоците што ги користиш, со нивните дози, и понеси ги претходните резултати и извештаи.

Распрашај се и за заболувањата кај блиските роднини. Ако родител, брат или сестра имаат дијабетес, срцево заболување или одреден вид рак, кажи му го тоа на лекарот, а ако знаеш, спомени и на која возраст е поставена дијагнозата. Овие информации помагаат препораките да се приспособат на твоите потреби.
На разговорот со лекар има место и за тоа како спиеш и како се чувствуваш. Спомени ако подолго време си напнат, спиеш лошо, се чувствуваш исцрпено или немаш интерес за работите во кои претходно си уживал. Биди отворен и за пушењето, алкохолот, движењето и исхраната. Точните информации му помагаат на лекарот да даде препораки што одговараат на твоето секојдневие.
Пред да си заминеш, провери дали знаеш што следува: кои испитувања треба да ги направиш, како ќе ги добиеш резултатите и кога треба повторно да се јавиш. Внеси го договорениот термин во календарот.
Со пораката „Чувај го она што е важно“, dm отвора простор за прашањата што често остануваат на крајот од листата со обврски. Ноември е повод да го започнеме разговорот, а целта е грижата за здравјето да продолжи и по завршувањето на кампањата.
Направи конкретен чекор: јави се кај матичниот лекар, подготви ги прашањата и договори што е следно. Чувај го она што е важно. Почни од себе!
















