Лагард: На Европа ѝ се заканува финансиски удар поради климатските екстреми

Макфакс

04/11/2026

13:50

333

Големина на фонт

а а а

Кристин Лагард, претседателка на Европската централна банка, предупреди за зголемените економски трошоци поради климатските промени и истакна дека Европа има потреба од пофлексибилен енергетски систем и подобра заштита од финансиските последици од екстремните временски услови.

Претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ), Кристин Лагард, денес предупреди дека овогодишните топлотни бранови, сушите и шумските пожари во Европа се предупредување за зголемените економски трошоци од климатските промени, кои би можеле дополнително да се зголемат во иднина.

На Европа ѝ е потребна подобра заштита од финансиските последици од климатските промени и пофлексибилен енергетски систем што ќе овозможи поефикасно користење на чиста енергија, наведува Лагард во текст објавен на блогот на ЕЦБ.

За време на овогодишните топлотни бранови во Европа, регистрирани се повеќе од 30.000 смртни случаи над вообичаеното ниво, додека во Шпанија и Франција, пожарите изгореа 400.000 хектари земјиште.

Економската активност во регионите погодени од топлотни бранови е во просек за 1,5 проценти пониска две години по ваквите настани, додека четири години по сушата е за три проценти пониска.

Лагард верува дека на Европа ѝ е потребен подобар интегриран и пофлексибилен енергетски систем што би овозможил евтината сончева енергија да се пренесе таму каде што е потребна и да се заштеди за периоди на врвна потрошувачка.

Таа издвои три приоритети за европската политика за клима и енергија, од кои првиот е подобра подготовка за екстремни временски услови и поголема заштита од нивните финансиски последици.

Вториот приоритет е развојот на електроенергетски систем кој ќе користи евтина домашна чиста енергија во поголема мера.

Третиот приоритет е олеснување на компаниите сами да произведуваат и складираат електрична енергија сè додека не се изгради потребната мрежна инфраструктура.