Досега непознат текст на најпознатиот светски илузионист, Хари Худини, денеска беше објавен во Соединетите Американски Држави по повод 100-годишнината од неговата смрт.
Списанието „Странд“ објави статија под наслов „Интересен албум со исечоци“, која претставува детален осврт на некои од изведувачите што ги обликувале раните денови на сценската магија и влијаеле врз животниот пат на Худини.

Текстот содржи прикази на бројни театарски најави од времето кога јавноста станувала сè повеќе фасцинирана од натприродното, додека истовремено растел интересот за необични и фантастични настапи, пренесе „Гардијан“.
Во статијата, Худини ги истражува најавените претстави кои вклучувале „некромантски чуда, магични илузии и настапи на најголемиот жив волшебник“.
„Она што ја прави оваа статија исклучителна е фактот што открива страна од личноста на Худини која во голема мера останала во сенка на неговата огромна слава како мајстор за ослободување и бегство“, изјавил главниот уредник на списанието „Странд“, Ендрју Гали.

Статијата е зачувана меѓу бројните други документи на овој уметник во библиотеката на Худини, која се наоѓа во рамките на Центарот „Хари Рансом“ на Универзитетот во Тексас во Остин, каде што денеска, по повод годишнината од неговата смрт, ќе биде организирана обиколка со стручен водич.

Покрај тоа што бил познат по своите магионичарски точки и напорите да ги разобличи лажните медиуми и спиритуалисти, Худини бил и автор кој зад себе оставил повеќе од 24 книги, раскази и театарски дела.
Худини, чие вистинско име било Ерик Вајс, како дете емигрирал од Унгарија во САД, каде што станал најпознатиот забавувач на своето време, како во Европа, така и во Америка.

За денес се планирани неколку комеморативни настани низ светот по повод годишнината од неговата смрт.
Меѓу другото, во Будимпешта, градот во кој Худини е роден во 1874 година, ќе се одржат свеченост и јавни настани, додека во неговата поранешна куќа во Њујорк ќе биде организирана спиритуална сеанса.














