[ФОТО] Амбасадата на Црна Гора ѝ го „нарушува менталното здравје“ на жителката на Лондон: Ја тужела општината Вестминстер, а на другите соседи им пречи „кичестото“ знаме

Точка

29/10/2026

20:41

1.205

Големина на фонт

а а а

Жителка на лондонската населба Пимлико поднела тужба против градската општина Вестминстер поради, како што тврди, последиците врз нејзиното ментално здравје, откако една од семејните куќи во нејзиното соседство била пренаменета во Амбасада на Црна Гора, пишува денес британски „Гардијан“.

Дајана Симпсон (35) побарала судско преиспитување на одлуките на општинските власти и можност за надомест на штета, тврдејќи дека при дополнителното издавање дозвола за пренамена на објектот и поставување јарбол за знаме не било земено предвид влијанието врз нејзината здравствена состојба.

Во судскиот поднесок, Симпсон, која прима надоместок за инвалидитет откако ѝ биле дијагностицирани клиничка анксиозност, долготраен ковид и функционално невролошко нарушување, наведува дека отворањето на амбасадата значително ѝ го нарушило секојдневниот живот, особено сонот.


„Често чувствувам потреба да спијам во друга просторија, наместо во мојата спална соба во која го поминав речиси целиот живот, за да почувствувам барем мало олеснување. Понекогаш го правам тоа однапред, а понекогаш среде ноќ, кога не можам да го смирам инстинктивниот страв“, навела Симпсон.

Како што објаснила, дури и звукот на чкрипење може да предизвика страв дека некој би можел да влезе во нејзината соба од правец на амбасадата, иако е свесна дека таквата можност е многу мала.

Повикувајќи се на наводни прекршувања на законите за човекови права и еднаквост, Симпсон го поставила прашањето дали и понатаму е возможно да остане во семејната куќа во која планирала да живее до крајот на животот.


Таа додала дека преселувањето би значело и напуштање на локалната заедница со која е тесно поврзана.

Таа за „Гардијан“ изјавила дека е уверена во основаноста на тужбата, тврдејќи дека општината не ја земала предвид нејзината здравствена состојба, дека постапувала неразумно и дека јавната консултација имала недостатоци, бидејќи забелешките на жителите практично го изгубиле своето значење откако британското Министерство за надворешни работи го одобрило отворањето на амбасадата.

Општината Вестминстер ги отфрлила обвинувањата, наведувајќи во одговорот на тужбата дека не постојат основани тврдења дека е загрозено правото на тужителката на дом, приватен и семеен живот.


Спорот започнал откако една жителка пролетта поднела забелешка до општинските власти поради јарболот и знамето на Црна Гора, оценувајќи дека тие не се вклопуваат во изгледот на улицата со заштитени историски куќи.

Знамето на Црна Гора во една од забелешките било опишано како „кичесто“, додека изгледот на дипломатското претставништво бил оценет како несоодветен за мирниот и достоинствен карактер на белите фасади на куќите од доцниот регентски период.

Некои жители биле незадоволни и поради тоа што пред поставувањето на јарболот и таблата со ознаката на амбасадата не било поднесено барање за соодветна урбанистичка дозвола.


Незадоволството делумно се намалило откако вршителот на должноста амбасадор на Црна Гора организирал прием за соседите.

Случајот со црногорската амбасада сега ќе го разгледува Високиот суд, а исходот би можел да покаже како во Лондон се усогласуваат правата на жителите, урбанистичките прописи и потребите на дипломатските претставништва.