Семејство од американската сојузна држава Џорџија доживеало шок откако дознало дека нивното куче, за кое верувале дека е евтаназирано, со месеци живеело кај вработена во ветеринарната клиника. Кога откриле што се случило, кучето, според тврдењата на сопственичката, сепак било усмртено за да се прикрие целиот случај.
Ребека Белоте за локалната телевизија „WSB-TV“ раскажала дека во март 2026 година го однела својот мопс по име Ча-чу во ветеринарната клиника „Senoia“, бидејќи се разболел. Ветеринарниот персонал ѝ рекол дека на кучето му откажуваат органите и дека страда од дијабетична кетоацидоза, сериозна состојба што може да биде опасна по живот. Препорачале евтаназија.
Одлуката тешко му паднала на целото семејство, а особено на нејзиниот 17-годишен син, кој бил многу приврзан за Ча-чу. „Дури носеа и исти дуксери со качулка. Син ми постојано ја носеше во прегратка, речиси и да не одеше“, се присетила Белоте.
Семејството платило неколку стотици долари за евтаназијата.

На „Facebook“ пронашла фотографија од своето куче
Меѓутоа, на почетокот на октомври Ребека на „Facebook“ случајно забележала фотографија од куче за кое била уверена дека е нејзината Ча-чу. „Штом ја видов, знаев дека тоа е моето куче“, рекла таа.
Поранешна вработена во клиниката потоа ѝ потврдила дека Ча-чу всушност никогаш не била успиена, туку една од вработените ја однела дома. Ребека веднаш ја контактирала клиниката, но оттаму, според „WSB-TV“, ги отфрлиле нејзините обвинувања. „Ангажираа адвокат и не сакаат да разговараат за тоа“, раскажала таа.
На крајот разговарала со сопругот на вработената што го зела кучето. Тој ѝ потврдил дека Ча-чу со месеци живеела кај нив и дека била во добра здравствена состојба.

Сопственичката тврди дека кучето сепак било усмртено
Белоте тврди дека клиниката, откако било откриено што се случило, сепак ја евтаназирала Ча-чу за да го прикрие целиот случај. „Да убиеш здраво куче само за да ја скриеш вистината … Тоа е болно“, рекла огорчената сопственичка.
Во истата клиника е забележан уште еден сличен случај
„WSB-TV“ претходно извести за сличен случај во истата клиника. Едно семејство верувало дека нивната 19-годишна мачка е евтаназирана, но подоцна дознало дека е жива и дека живее кај друго лице. Полицијата во Сеноја објавила дека нема да поднесува кривични пријави против вработените вклучени во овие два случаја, пренесува „Fox 5 Atlanta“.
Белоте изјавила дека локалното обвинителство го истражува случајот, а поднела и официјална жалба до надлежниот ветеринарен одбор на сојузната држава Џорџија.












