[ВИДЕО] Голема бела ајкула му се приближила на сурфер од зад грб, неверојатната средба е снимена со дрон

Точка

30/10/2026

13:37

471

Големина на фонт

а а а

Џоел Хендрикс сурфал 35 години, но никогаш дотогаш не видел ајкула. Поради тоа, често се шегувал со својот син дека овие праисториски суштества можеби воопшто не постојат.

Но, неодамна доживеал средба што долго ќе ја памети. Додека сурфал на калифорнискиот брег, му се приближила голема бела ајкула и го испрскала со опашката.

Средбата е снимена со дрон

„Ајкулата штотуку малку ме испрска“, се пошегувал Хендрикс по средбата.

Белата ајкула се појавила околу 10:30 часот во близина на авенијата Пиер, каде што во морето имало група сурфери. Средбата со дрон ја снимил локалниот сурфер Дејвид Стајнер, кој на својот профил на Инстаграм редовно објавува снимки од ајкули. Неговите видеа веќе неколкупати привлекле големо внимание, а оваа снимка досега собрала повеќе од 50.000 прегледи.

Хендрикс раскажал дека најпрво забележал дрон кој летал на околу триесетина метри од него, на висина од само три метри над морската површина. Бидејќи го познава Стајнер, претпоставил дека дронот снима некое морско животно во близина.


Забележал перка зад себе

„Не се плашев. На почетокот бев повеќе љубопитен. Не знаев колку е големо животното, ниту за што точно станува збор. Дури не бев ни целосно сигурен дека е ајкула“, раскажал Хендрикс, пренесува „Miami Herald“.

Набргу потоа, на околу два метра зад себе забележал сенка, а потоа и перка која се појавила над морската површина.

„Тоа ме изненади. Кога доплива зад мојата даска, си помислив: ’Леле, ова е навистина голема риба‘“, се присетил тој.

Проценил дека ајкулата била долга меѓу четири и пет метри, значително подолга од неговата даска за сурфање. Животното потоа нагло го сменило правецот, го испрскало со опашката и продолжило да плива.

„Знаеме дека тие се секогаш тука“

„Немав време за паника. Само си помислив дека повеќе не сакам да бидам таму“, рекол Хендрикс. Ајкулата се оддалечила од групата сурфери и исчезнала во морската пена, а еден од нив за малку ќе поминел со даската преку неа. Потоа Хендрикс се свртел и тргнал кон брегот.

И покрај необичната средба, вели дека не се плаши повторно да влезе во морето. Веќе следниот ден планирал повторно да сурфа, можеби малку поблиску до пристаништето во Пизмо Бич.

„Не ме загрижува враќањето во морето. Сите ние, длабоко во себе, знаеме дека ајкулите секогаш се некаде во близина“, рекол тој.


Додал дека токму снимките на Стајнер му помогнале да се чувствува посигурно, бидејќи покажуваат како ајкулите често пливаат во близина на сурферите, без притоа да ги допираат.

„Луѓето главно не ги интересираат. Само пливаат наоколу и си ја гледаат својата работа“, објаснил тој.

Хендрикс нагласил дека не ѝ посакува ништо лошо на ајкулата. Свесен е дека океанот е нејзиниот природен дом, а дека луѓето таму се само гости.

„Ние сме тука само во посета. Повеќето од нас се благодарни што воопшто имаат можност да бидат во морето и да уживаат во неверојатното место во кое живееме“, заклучил тој.