Во пресрет на објавувањето на играта „Grand Theft Auto 6“ во ноември, телевизискиот и интернет-провајдер „Вирџин медија“ (Virgin Media) започна нов награден конкурс: на еден избран кандидат ќе му плати речиси 900 долари за осум часа играње на долгоочекуваната акционо-авантуристичка игра и споделување на своја „искрена“ рецензија на социјалните мрежи.
Победникот ќе добие и бесплатен примерок од играта „ГТА VI“, пишува „Варајети“ (Variety).
„Вирџин медија“ прима пријави до 15 ноември, а кандидатите мора да објаснат зошто токму тие ја заслужуваат оваа работа. Победникот ќе добива по 100 евра на час за вкупно осум часа играње, при што часовите не мора да бидат последователни.

Компанијата ги охрабрува заинтересираните да „ја истражат државата Леонида облеана во сонце, да се повозат низ неонски осветлените улици на Вајс Сити и да одговорат на прашањето што ги интересира сите: дали ‘ГТА VI’ ги оправдува огромните очекувања?“.

Сепак, постои еден услов. Промоцијата ја организира „Вирџин медија Ирска“ (Virgin Media Ireland), а понудата е достапна исклучиво за жителите на Република Ирска. Компанијата се надева дека со овој маркетиншки потег ќе привлече дополнително внимание во јавноста. Победникот ќе мора да ја објави својата рецензија за играта „ГТА VI“ на Инстаграм или ТикТок и да го означи профилот на „Вирџин медија Ирска“.
„‘ГТА VI’ е најголемото лансирање на видеоигра во последните неколку години, а можеби и на сите времиња“, изјавил портпаролот на компанијата „Вирџин медија“. „Тоа е вид на настан околу кој пријателите планираат цела недела, а ние сакавме да бидеме дел од таа возбуда“, истакнал тој.
Ова не е единствениот обид да се искористи огромната популарност на играта „ГТА VI“. Една пешадиска дивизија на американската армија им понудила на војниците на активна должност четири дена отсуство за да ја играат играта, доколку го продолжат договорот за воена служба за најмалку две години.

Компанијата „Рокстар гејмс“ (Rockstar Games), која работи во состав на „Тејк-Ту интерактив“ (Take-Two Interactive), ќе ја објави „ГТА VI“ на 19 ноември за конзолите „Сони ПС5“ (Sony PS5) и „Мајкрософт Иксбокс Серија Икс и Ес“ (Microsoft Xbox Series X и S).
Дејството на играта е сместено во Леонида, измислена американска сојузна држава инспирирана од Флорида. Првиот трејлер за играта има повеќе од 300 милиони прегледи на Јутјуб, додека проширениот приказ на гејмплејот привлече повеќе од 31 милион прегледи на Нетфликс во периодот од 27 до 31 август.








