Прогласен е зборот на 2026 година, а еве што значи

Точка

27/10/2026

20:42

483

Големина на фонт

а а а

Зборот „maxxing“, кој означува настојување нешто максимално да се подобри или оптимизира, е прогласен за збор на годината за 2026 година од страна на веб-страницата „Dictionary.com“.

Поради наглиот пораст на неговата употреба во различни области од животот, од исхраната и вештачката интелигенција до физичкиот изглед и животните навики, овој збор наводно ја однел победата.

„Maxxing“ постои во различни форми со децении, но неговата популарност во последните години дополнително ја поттикнал изразот „looksmaxxing“, кој означува вложување големи напори за подобрување на физичкиот изглед и потекнува од интернет-заедниците, вклучувајќи ги инцел-групите, пишува „Гардијан“.


Директорот за лексикографија во „Dictionary Media Group“, Стив Џонсон, изјавил дека изразот се издвоил поради неговата употреба во различни контексти, како што се „proteinmaxx“ за исхраната, „tokenmaxx“ за користењето вештачка интелигенција и „cozymaxx“ за опуштањето.

Лингвистката Кели Рајт и нејзините колеги ја документирале употребата на овој јазичен образец уште од 1990 година, кога се појавил во контекст на играта „Dungeons and Dragons“, преку објавите на форумот „4chan“ во текот на 2010-тите години, па сè до изразите како „vibemaxxing“ и „vocabularymaxxing“ во 2025 година.

Според податоците на „Dictionary.com“, до август оваа година зборот во дигиталните медиуми се користел 19 пати почесто во споредба со неговата просечна месечна употреба во текот на 2025 година.


Истражувачите предупредуваат дека постојаниот стремеж кон оптимизација може да поттикне прекумерно самонабљудување и самокритичност, како и тежнеење кон идеализирана верзија на себеси.

Лингвистите, сепак, сметаат дека овој израз би можел да опстои, бидејќи го користат и луѓе на средна возраст, како и корпоративни брендови, иако е тешко да се предвиди колку долго ќе остане популарен.