Педро Пестана ја продал фирмата „Marosa“ за 112 милиони евра, а потоа наградил 120 вработени со бонуси вредни околу 4,2 милиони евра.
Основачот на шпанската технолошка фирма „Marosa“, Педро Пестана, одлучил по продажбата на компанијата за 112 милиони евра да им подели околу 4,2 милиони евра на своите вработени. Парични бонуси добиле сите 120 работници, вклучувајќи ги и оние што ѝ се придружиле на компанијата неодамна.
Пестана објаснил дека успехот на компанијата не е резултат само на неговата работа, па одлучил дел од парите од продажбата да ги подели со луѓето што со години учествувале во нејзиниот развој.
„Поделбата на парите од продажбата е начин да им се заблагодарам за тој придонес и да му вратам на тимот дел од вредноста што помогна да се создаде“, изјавил Пестана.

Не ги заборавил првите вработени
Посебно ги истакнал работниците што му се придружиле додека „Marosa“ сè уште била мал стартап во шпанскиот град Виго. Некои од нив работат во фирмата веќе девет години.
„Покажаа доверба во ’Marosa‘ во време кога компанијата беше на самиот почеток и допрва требаше да се изгради речиси сè“, истакнал тој.
Веста за бонусите ги изненадила вработените, кои ја дочекале објавата со аплауз и прегратки.

Сите 120 вработени ги задржуваат работните места
„Marosa“ развива технолошки решенија што им го олеснуваат на фирмите управувањето со ДДВ, електронските фактури и меѓународните даночни обврски.
Компанијата за 112 милиони евра ја презела мултинационалната компанија „Wolters Kluwer“, а нејзиното седиште останува во Виго. Сите 120 вработени продолжуваат со работа, како и самиот Пестана.
Пестана се надева дека неговиот потег ќе поттикне и други сопственици на фирми при продажбата да поделат дел од заработката со вработените, пренесува „Index“.
„Би сакал некој што се подготвува да ја продаде сопствената фирма да слушне за ова искуство и да размисли дали може да направи нешто слично за своите луѓе“, порачал тој.








