[ВИДЕО] Несекојдневна сцена во Турција: Со молитва и во присуство на имам свечено отворена продавница за еротска долна облека

Точка

22/10/2026

17:32

615

Големина на фонт

а а а

Во турското гратче Алаџа, во покраината Чорум, оваа недела била отворена продавница за еротска долна облека и тоа со церемонија каква што ретко се гледа пред вакви продавници: собраните најпрво заеднички изговориле молитва.

На снимката што ја објави локалниот портал „alacahaber.com“ се гледа како десетици мажи, меѓу кои и постар човек со бела капа, со кренати раце изговараат молитва пред излогот украсен со црвени и црни балони.

Потоа, лентата ја пресекол градоначалникот на Алаџа, Шериф Арслан. На отворањето, како што пренесуваат турските медиуми, присуствувале и претставници на владејачката Партија на правдата и развојот (АКП) и нејзиниот коалициски партнер, Партијата на националистичкото движење (МХП).

Снимката брзо се прошири на социјалните мрежи, а корисниците главно биле изненадени од спојот на молитвата и асортиманот на продавницата. Конзервативниот весник „Јени Акит“ објавил текст со наслов: „Што барале тие градоначалници и тој имам таму?“.

Градоначалникот Арслан одговорил на критиките во изјава за „Одатв“, како што пренесува порталот „Хаберџим19“.

„Не отворивме нелегален објект. Не ни влеговме внатре. Зарем сите не носат ваква долна облека? Луѓето измислуваат, зборуваат дека е ’еротска‘ и слично“, изјавил Арслан.

Тој додал дека на отворањето ги поканиле локалните трговци, а за молитвата рекол дека „оџата малку претерал“. Како што објаснил, молитвата ја изговорил пензиониран имам.

Турскиот весник „Јеничаг“ истакнува дека сето ова се случило во период кога во Турција уметници се соочуваат со прогон поради „непристојност“: пејачот Џем Адријан поради стиховите на своите песни, а групата „Манифест“ поради начинот на облекување.