Џентилони: Европа мора да престане да молчи пред потезите на Трамп

Макфакс

21/10/2026

11:37

248

Големина на фонт

а а а

Поранешниот премиер на Италија и поранешен европски комесар Паоло Џентилони оцени дека одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп во врска со Русија е срамна и бескорисна, нагласувајќи дека европските земји треба да ја напуштат политиката на ласкање на Вашингтон и да ги зајакнат дипломатските напори.

Тој предупреди дека некои од мерките на Трамп, како што се договорот за продажба на руски дизел и суспензијата на санкциите, би можеле да се покажат како бескорисни или речиси бескорисни, освен што ќе обезбедат привремено олеснување за руската економија, додека други одлуки би можеле да имаат многу сериозни последици.

„Дојдовме до промена на страните, од нападнат во агресор. Група американски републикански сенатори зборува за предавство. За жал, мора да констатираме дека тоа е срамна одлука. А полошо од срамна одлука може да биде само срамна и бескорисна одлука“, изјави Џентилони денес во интервју за весникот „Кориере дела Сера“.

Тој изрази сомнеж дека Трамп може да ги убеди американските возачи да го обвинат украинскиот претседател Володимир Зеленски за зголемувањето на цените на дизелот на бензинските пумпи, оценувајќи дека војната што започна во Иран е одговорна за тоа.

„Европејците, кога ќе ги видат донесените одлуки и ќе го слушнат Трамп како вели, како што направи вчера, дека Русија во основа се однесувала добро, треба да го остават она што останало од периодот на ласкање и молчење. Ми се чини дека токму тоа го прават“, изјави Џентилони.

Според него, во исто време, европските земји продолжуваат да му даваат непоколеблива поддршка на Киев и покажуваат зголемена дипломатска активност повеќе од еден месец.

Тој потсети на дипломатските контакти за време на септемвриската сесија на Генералното собрание на Обединетите нации, како и на неодамнешните разговори во Норвешка.

Џентилони особено го нагласи значењето на финскиот претседател Александар Стаб за контактите со Москва, со оглед на тоа што Финска има повеќе од 1.300 километри граница со Русија.

Ова, како што изјави, потврдува дека Европејците, и покрај сите тешкотии, се активни на дипломатско ниво.

Тој оцени дека губењето на довербата во Трамп е поврзано со надминување на европската воздржаност кон преговорите со Русија.

„Постои врска помеѓу губењето на целата доверба во Трамп и надминувањето на неподготвеноста за преговори со Русите“, заклучи Џентилони, како што објави Танјуг.