Фон дер Лајен: Санкциите ќе останат сè додека Москва не ја заврши војната во Украина

Макфакс

21/10/2026

12:50

181

Големина на фонт

а а а

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денес изјави дека санкциите на Европската унија против Русија ќе останат во сила сè додека Москва не ја заврши војната во Украина, нагласувајќи дека Европа мора да ја намали својата енергетска зависност од странските земји и да ја зајакне својата конкурентност и економска безбедност.

Обраќајќи им се на членовите на Европскиот парламент на пленарната седница посветена на заклучоците на Европскиот совет на 15 и 16 октомври, Фон дер Лајен рече дека Русија ги прекинала испораките на гас за Европа и дека енергетската зависност може да се користи како средство за политички притисок.

„Овие санкции ќе останат во сила сè додека Русија не ја запре војната“, рече Фон дер Лајен.

Таа нагласи дека ЕУ мора да изгради вистинска енергетска унија, да ги подобри енергетските мрежи, да ги зголеми капацитетите за прекугранични врски и подобро да ја искористи заедничката пазарна моќ во набавката на енергија.

Како што е најавено, Европската комисија ќе изготви план за воспоставување Европска енергетска унија, со цел подобро да се искористат постојните капацитети и да се намалат високите трошоци за енергија.

Зборувајќи за конкурентноста на европската економија, Фон дер Лајен нагласи дека е потребно да се заокружи единствениот пазар на ЕУ, да се поедностават административните процедури и да се намали регулаторното оптоварување врз компаниите.

Според неа, предложените мерки за поедноставување на регулативите, доколку се усвојат, би можеле да ги намалат административните трошоци за повеќе од 22 милијарди евра годишно.

Таа, исто така, најави иницијатива за спречување на дополнителното комплицирање на европските правила при нивното пренесување во националното законодавство, како и примена на принципот според кој компаниите и граѓаните би ги доставувале истите податоци до администрацијата само еднаш, со поголема употреба на вештачка интелигенција.

Таа посвети посебно внимание на економските односи со Кина, предупредувајќи на растот на трговскиот дефицит на ЕУ и индустриските капацитети на Кина, кои, според неа, ја нарушуваат конкуренцијата на европскиот пазар.

Фон дер Лајен изјави дека трговскиот дефицит на ЕУ во размена со Кина во 2025 година достигна една милијарда евра дневно.

Според неа, кинеските компании добиваат до осум пати повеќе субвенции од споредливите компании во земјите од Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), што создава притисок врз европската индустрија, работните места и производствените капацитети.