Ерик Тен Хаг и Кристијано Роналдо се разделија на доста тензичен начин во Манчестер Јунајтед во 2022-ра година и целата приказна заврши со експлозивно интервју на Португалецот кое резултираше со трансфер во Ал Наср, а во ексклузивното интервју кое го направи за „Атлетик“, холандскиот стручњак за првпат подетално се отвори за конфликтот со големата ѕвезда.
Тен Хаг признава дека имал низа конфронтации со Роналдо во текот на оние неколку месеци кои соработуваа заедно, па тој е првиот тренер кој открива дека Криситјано се однесувал и непрофесионално на тренинзите и одбивал да ги изврши неговите наредби.
– Роналдо го изневери тимот, ме изневери и мене бидејќи имав други планови со него. Отпатував во Португалија за да разговарам за плановите кои ги имав со него во тимот, многу го почитував, но подоцна морав да донесам рационална одлука како менаџер и да се држам до играчите кои заслужуваат да играат, – вели Тен Хаг.
– Понекогаш знаеше самиот да се повлече од тренингот, а не сакаше да трча и казнени кругови кои ги зададов по тешкиот пораз од Брентфорд со резултат 4:0. Често му велев: „Рони, сите сакаат да работат за тебе, да те доведат во вистинската позиција, но ако ти самиот не можеш да влезеш во шеснаесетникот, не можеш ни да постигнеш гол“.
– Тој едноставно не беше способен за тоа. Погрешно е да се тврди дека сум очекувал од него да врши висок пресинг и дека сум го исцрпувал со таквите барања. Едноставно тој не можеше да се доведе во ситуација за гол. Тој не трчаше кога имавме посед на топка, ниту кога не беше кај нас. Причината за такво нешто беше лошата подготовка.
– Секој врвен тим мора да го прифати врвниот играч, но и врвниот играч мора да работи за тимот. Тој знаеше да им вели на соиграчите: „Чувајте си ги нозете на тренинг, поважен е натпреварот“. Кога некој е во врвна физичка форма – тогаш може да си ги поштеди нозете за време на тренинзите, но со него не беше така. Прво мораш да тренираш напорно за да го достигнеш потребното ниво на физичка подготвеност, – објаснува Тен Хаг.









