Килијан Мбапе ја доби наградата за играч на годината од познатиот магазин „Онце Мондијал“, но поради тој повод, одработи и едно поинакво интервју во кое говореше и на теми кои не се секојдневни за француската ѕвезда.
Напаѓачот на Реал Мадрид говореше за статусот на „перектно момче“ кое знаат да му го доделат дел од медиумите, но откри и една фудбалска тајна која досега не беше позната за јавноста.
Килијан откри каков чуден ритуал има пред секој натпревар кој го игра, односно каква невообичаена навика практикува околу фудбалските копачки уште од најрана возраст.
– Една тајна за мене? За личноста Килијан постојат милион тајни! Самата поента на една тајна е таа да не се открие, нели?
– Ќе ви откријам една фудбалска тајна….. Имам една навистина лоша навика. Не е добро, но сепак го правам тоа: Играм без влошки во копачките. Затоа, сакам да им порачам на сите деца: не ги вадете влошките од вашите копачки и не го следете мојот пример! Оставете ги внатре, тие се за заштита на стапалото! Јас направив грешка што ги извадив кога бев дете и оттогаш секогаш играм без нив.
– Иако сега ги имам најдобрите копачки и нема апсолутно никаква причина да не користам влошки, тоа е едноставно некој стар рефлекс од времето кога бев во Бонди. Сè уште ги вадам, дури и од копачките што се направени специјално за мене, – откри Мбапе.








