Франческо Тоти ја претстави својата нова автобиографија „Олтре“ во емотивна церемонија во театарот Бранкачио во Рим, а медиумите кои биле присутни на настанот открија дел од атмосферата која владеела за време на чинот.
„Газета дело спорт“ обелоденува дека Тоти целосно се распаднал во моментите кога зборувал за загубата на својот татко и нарушениот однос со своите деца, но самиот нагласил дека насловот на книгата означува едно ново поглавје во неговиот живот.
Франческо вели дека насловот „Олтре“ (во превод значи „над“) ја симболизира неговата подготвеност да оди понатаму во животот и без филтри да ги раскаже своите вистини кои досега ги чувал за себе, па така без влакна на јазикот говори и за нарушениот однос со неговите три деца откако се разведе со Илари Блази.
– Јас сум татко, а таткото заслужува почит. Тие не знаат, или можеби се преправаат дека не знаат колку многу ги сакам и почитувам. Во исто време, би сакал и тие да возвратат на ист начин. Всушност, јас не направив ништо лошо. Бев распнат поради разводот, што е разбирливо и нашиот однос во моментов е далеку од идиличен. Сепак, јас се надевам дека како што ќе растат, ќе сфатат каде лежи вистината.
– Имаше тензии, конфликти и сè поголема оддалеченост, работи што не ги прифаќав, иако се преправав дека ги прифаќам. Важно е да се вратиме на она како што беше порано. Сакам да им посветам повеќе време, исто како што и тие треба да ми посветат мене, за повторно да бидеме семејство. Што е направено, направено е. Не можеме да го вратиме времето назад, – изјавил емотивниот Тоти.
Франческо Тоти и Илари Блази се разведоа по 17 години брак поради взаемни обвинувања за неверство и нарушени односи во семејството, а оттогаш двајцата имаат нови партнери и не ги кријат љубовните романси од јавноста.








