Статуетка стара 2.700 години би можела да ја открие инспирацијата за Оскарот

Точка

19/10/2026

17:27

490

Големина на фонт

а а а

Бронзена статуетка на египетскиот бог Птах, стара околу 2.700 години, би можела да открие досега непозната инспирација за изгледот на Оскарот.

Статуетката е претставена на саемот за уметност „Frieze Masters“ во Лондон, каде што привлече внимание поради извонредната сличност со препознатливото златно кипче на Американската академија за филмски уметности и науки, пишува „Euronews“.

Станува збор за приказ на Птах, староегипетскиот бог на создавањето и заштитник на занаетчиите и градителите. Неговата исправена фигура и положбата на рацете потсетуваат на Оскарот.

Трговецот со антиквитети Руперт Вејс ја открил можната поврзаност истражувајќи го потеклото на статуетката пред нејзиното претставување на саемот.


Со истражувањето било утврдено дека скулптурата некогаш му припаѓала на американскиот весникарски магнат Вилијам Рандолф Херст. Тој бил пријател на Седрик Гибонс, уметничкиот директор на филмското студио „Metro-Goldwyn-Mayer“ („MGM“) и автор на оригиналниот дизајн на Оскарот од 1928 година.

Според зборовите на Вејс, Гибонс често го посетувал Херст, и на неговиот имот Сан Симеон во Калифорнија и во резиденцијата во Њујорк. Херст таму имал посебна просторија наменета за збирката египетски уметнички дела.

Таа околност ја отвора можноста Гибонс да ја видел древната скулптура пред да го осмисли изгледот на филмската награда.


Сепак, Вејс признава дека не постојат конечни докази што би ја потврдиле директната поврзаност.

„Сето тоа, во извесна смисла, е претпоставка. Не можеме да го докажеме. Сличноста е неверојатна, а статуетката се наоѓала на вистинското место, меѓу вистинските луѓе, во вистинското време“, изјави Вејс.

Гибонс, кој починал во 1960 година, никогаш јавно не потврдил што го инспирирало при изработката на дизајнот на Оскарот.

Според официјалната историја на Американската академија за филмски уметности и науки, Оскарот претставува стилизиран витез кој стои на ролна филмска лента и држи меч. Петте краци на ролната ги симболизираат петте првични ограноци на Академијата: актерите, режисерите, продуцентите, техничарите и сценаристите.


Дизајнот на Гибонс во тродимензионална скулптура го претворил уметникот Џорџ Стенли, а првите Оскари биле доделени во 1929 година.

Египетската статуетка потекнува од доцниот период на древниот Египет, пред тоа подрачје да биде освоено од Персиското Царство.

Вејс истакнува дека таа, дури и без можната поврзаност со Холивуд, би била исклучително вреден пример на древната египетска уметност.