Овој луксузен замок веќе 559 години го следи морничава легенда: Сè започнало со забранета љубов

Точка

19/10/2026

21:17

394

Големина на фонт

а а а

Замокот опкружен со голем парк, недалеку од брегот на италијанското езеро Маџоре, крие не само раскошни одаи и атмосфера како од бајка, туку и легенда за несреќната благородничка Барбара Висконти, која, според преданието, ни по 559 години не престанала да ја чека својата љубов.

Посетителите тврдат дека ноќе „се слуша нејзиниот плач“, а некои велат дека виделе „силуета на прозорецот од кулата“, пренесува „Heute“.

Сурова казна за ќерката

Станува збор за замокот Кастело дал Поцо, а сè започнало во далечната 1467 година, кога Барбара Висконти се вљубила во капетанот Матео де Грандис, кој престојувал во семејното здание на нејзиниот татко.

Меѓутоа, оваа љубов немала среќен почеток. Барбара веќе била ветена на друг маж, а кога татко ѝ дознал за тајната романса, наводно решил сурово да ја казни. Според преданието, наредил ќерка му да биде затворена во највисоката кула.

Матео бил протеран и му било забрането да се врати.

Затворена зад студените камени ѕидови, Барбара очајнички го чекала својот сакан. Ден по ден гледала низ прозорецот на кулата, надевајќи се дека Матео ќе се појави и ќе ја избави од заробеништво. Но тој не се враќал.


Не ја дочекала својата љубов

Легендата вели дека младата благородничка, скршена од тага, на крајот одбила да јаде и да пие. Починала сама, заробена во кулата, без да го дочека човекот што го сакала.

Според преданието, приказната на Барбара не завршила со нејзината смрт.

Во изминатите години, одделни посетители наводно ноќе „слушале плач на млада жена“ што одекнувал низ замокот. Други тврделе дека на прозорецот од кулата „забележале нејасна женска силуета“, како некој сè уште да го чека враќањето на изгубената љубов.

Дали станува збор за „духот на несреќната Барбара“ или за приказни што со текот на времето станале дел од идентитетот на замокот, останува да проценат посетителите. За самата легенда, меѓутоа, минувањето на вековите не значело и крај.


Со генерации во иста сопственост

Управата на замокот не ја крие оваа необична приказна. Напротив, во јужната кула се наоѓа хотелска соба со назив „Queen Superior Barbara“, до која се стигнува по спирални скали.

Имотот веќе шест генерации е во сопственост на семејството Дал Поцо, кое го зачувува неговиот карактер, но и преданието што му дава посебна атмосфера.

Ова здание е особено впечатливо во есен, кога маглата се спушта над ридовите околу езерото Маџоре, а старите кули се издигнуваат од маглината.

Во таков амбиент лесно е да се замисли осамена силуета на прозорецот и благородничка која, според легендата, ни по повеќе од пет века не се откажала од чекањето на својата љубов.