Во туристичкиот комплекс во Укија, Бангладеш, избувнал пожар при што загинале најмалку 10 лица, а комплексот немал дозвола за работа. Пожарникарите интервенирале и го изгаснале пожарот, додека надлежните најавуваат истрага за причините и дополнителни мерки за безбедност.
Најмалку 10 лица загинале, а повеќе се повредени во пожар што избувнал утрово во дрвен туристички комплекс во градот Укија, во близина на туристичкиот центар Кокс Базар, на југоистокот на Бангладеш, соопшти противпожарната служба.
Пожарот избувнал околу 7:30 часот по локално време во трокатен објект во комплексот „Туп Туп“. На приземјето се наоѓал ресторан, додека на првиот и вториот кат имало соби за туристи, објави „Дака пост“.
Пожарникарите пристигнале на местото на настанот, кое се наоѓа на околу 22 километри од најблиската противпожарна станица, и успеале да го изгаснат пожарот. Потоа започнале со извлекување на телата на загинатите.
Генералниот директор на Противпожарната служба и Цивилната заштита на Бангладеш, Султанул Африн Џунаид, изјавил дека туристичкиот комплекс немал потребни дозволи за работа, ниту лиценца од противпожарната служба.
Според него, по инспекција во јуни, надлежните издале предупредување и го означиле објектот како ризичен. И покрај тоа, комплексот продолжил да работи.
Причината за пожарот засега не е позната. Џунаид најавил дека таа ќе биде утврдена по детална истрага.
Тој додал дека противпожарната служба ќе разгледа дополнителни мерки за спречување слични несреќи, особено во туристичките области каде што објектите се градат од дрво и други лесно запаливи материјали.
Џунаид предупредил и дека со претстојната сушна сезона може да се зголеми ризикот од вакви пожари, повикувајќи ги сопствениците на објекти да ги почитуваат безбедносните прописи.












