Папата Лав XIV денеска ќе биде пуштен од болница четири дена по операцијата на белите дробови, која беше успешна. Се очекува дека наскоро ќе се појави во јавноста, а во меѓувреме ја изрази загриженоста за хуманитарната состојба во украинскиот град Олешки во разговор со рускиот претседател.
Папата Лав XIV денеска ќе ја напушти болницата, четири дена по операцијата при која му беше отстранет долниот лобус на десното белодробно крило, соопшти Ватикан. Операцијата била извршена во вторникот, траела околу 90 минути и била оценета како успешна.
Иако првичните процени беа дека 71-годишниот поглавар на Католичката црква ќе остане во болница околу една недела, неговото закрепнување се одвива побрзо од очекуваното.
Се очекува папата во недела повторно да се појави во јавноста и да ја предводи традиционалната молитва напладне. Тоа ќе биде негово прво јавно појавување по операцијата.
Во меѓувреме, Ватикан соопшти дека Лав XIV во петокот телефонски разговарал со рускиот претседател Владимир Путин. За време на разговорот, папата изразил „длабока загриженост“ за хуманитарната состојба во украинскиот град Олешки, кој се наоѓа под руска окупација.
Тој повикал на примирје што ќе овозможи влез на хуманитарна помош, вклучително и медицински материјали за прва помош и храна за населението во градот.








