ЛДП: За владините функции има пари, а за судии и обвинители нема

Макфакс

11/10/2026

10:00

239

Големина на фонт

а а а

Либерално-демократската партија (ЛДП) изразува загриженост поради сериозните проблеми во правосудниот систем во Македонија, особено заради недоволното финансирање, недостигот од кадар и политичките влијанија, при што посочува дека постои голем број на нерешени предмети и притисоци од власта врз обвинителството.

Правосудниот систем во Македонија се соочува со сериозни проблеми поради недоволното финансирање, недостигот од кадар и политичките влијанија, реагираат од Либерално-демократската партија (ЛДП), повикувајќи се на единаесеттиот Извештај во сенка за Поглавјето 23 на Институтот за европска политика (ЕПИ).

Од партијата посочуваат дека 18 од вкупно 34 судови се неажурни, има над 134.000 нерешени предмети, а одредени обвинителства функционираат без ниту еден јавен обвинител.

Од ЛДП критикуваат дека за судската власт се издвојуваат само 0,26 проценти од бруто-домашниот производ, наместо законски предвидените 0,8 проценти. Како дополнителен проблем го посочуваат поништувањето на огласот за прием на 130 кандидати во Академијата за судии и јавни обвинители поради необезбедени средства од Министерството за финансии.

Партијата предупредува и на, како што наведува, притисоци од извршната власт врз јавното обвинителство преку јавни изјави на високи владини функционери за конкретни истраги и судски постапки.

„Не може власта истовремено да бара резултати од обвинителството, а политички да ги коментира и оспорува неговите одлуки. Не може да се повикува на владеење на правото, а да создава атмосфера во која обвинителите треба да размислуваат каква ќе биде политичката реакција пред да донесат професионална одлука“, наведуваат од ЛДП.

Според партијата, недостигот од кадар и пари, заедно со измените на Кривичниот законик што овозможиле застарување на предмети за висока корупција, придонесуваат за состојба во која неказнивоста станува правило, а правдата исклучок.

Претседателката на ЛДП, Моника Зајкова, вели дека проблемот не е само во недостигот од средства, туку и во политичките приоритети.

„Очигледно, за власта има пари за функции, но нема пари за правда!“, истакнува Зајкова.

ЛДП бара итно обезбедување на законски предвидените средства за правосудството, деблокирање на приемот на нови судии и јавни обвинители, намалување на непотребните административни трошоци и пренасочување на буџетските средства кон институциите што треба да ја гарантираат правната сигурност на граѓаните.

Од партијата бараат и прекин на политичките притисоци врз обвинителството, заштита на неговата независност, ревизија на измените на кривичното законодавство и воспоставување ефективна одговорност за високата корупција.