Од утре под лупа на Безбеден град и возачите во Охрид, Струга, Кичево и Дебар

Макфакс

11/10/2026

11:00

332

Големина на фонт

а а а

Системот за сообраќаен надзор „Безбеден град“ ќе започне да функционира од 12 октомври во градовите Охрид, Струга, Кичево и Дебар за подобрување на безбедноста и контрола на сообраќајот.

Системот за сообраќаен надзор „Безбеден град“ од утре, 12 октомври, ќе почне да функционира и во Охрид, Струга, Кичево и Дебар, информира Министерството за внатрешни работи.

Од МВР соопштуваат дека по завршувањето на техничките проверки и финалните тестирања, камерите ќе бидат ставени во функција на сообраќајниците на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Охрид.

Со активирањето на системот се очекува засилена и континуирана контрола во сообраќајот, побрзо откривање на прекршоците, поголема дисциплина кај возачите и подобрување на безбедноста на патиштата.

Од МВР апелираат до возачите да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и со одговорно однесување да придонесат за поголема безбедност.

„Безбеден град“ е во функција од 1 февруари годинава, а во почетниот период граѓаните биле известувани за прекршоците, додека системот се тестирал и унапредувал.

Според информациите што ги сподели министерот за внатрешни работи при неодамнешната посета на Охрид, бројот на повредени во сообраќајни несреќи годинава е намален за 20 проценти во споредба со истиот период лани, односно имало 34 жртви помалку.