Антрополозите откриле докази за насилна смрт на голем број дворски службеници погребани покрај фараоните од Првата династија во некрополите Абидос и Ум ел-Каб, што ја поткрепува тезата за постоење човечки жртвувања во раната историја на древен Египет.
Значителниот напредок во форензичките и биоархеолошките истражувања им овозможил на научниците да дознаат повеќе за човечкото жртвување во древен Египет, а докази за тоа биле пронајдени во гробниците на првите египетски фараони, се наведува во најновата студија што денес ја пренесе порталот „Фронтиерс“.
Новите истражувачки методи биле применети врз посмртните останки во кралските погребни комплекси од периодот на Првата династија, околу 3078 – 2900 година п.н.е., на локалитетот Ум ел-Каб во Абидос, каде што стотици дворски службеници и занаетчии биле погребани околу гробниците на раните владетели.

Користејќи го примерот на Абидос, холистичкиот пристап што ја карактеризира биоархеологијата како научна дисциплина овозможува не само повторно толкување на бројни збирки на наоди од минатото, туку и темелно преиспитување на начинот на кој се разбира општеството на антички Египет и Нубија.
Современите анализи покажале дека на посмртните останки на многу поединци во Абидос има повреди настанати во времето на смртта, како и дека првичните истражувачи веројатно ги забележале тие повреди, но погрешно ги протолкувале како оштетувања настанати по смртта.

„Во многу антички култури, слугите често биле жртвувани заедно со своите господари за да продолжат да им служат во задгробниот живот. Исто така, можно е тоа да било демонстрација на моќта на владетелот – некои дворјани можеби доброволно се жртвувале заради вечен задгробен живот, додека други биле жртвувани насилно“, објаснила Розалин Кембел, истражувачка на Универзитетот Пердју во САД.
Се покажало дека во 39 отсто од случаите, черепите на древните Египќани имале карактеристични пукнатини предизвикани од удар со тап, рамен предмет во тилот или во друг дел од черепот. Таквите повреди, како што покажува анализата на научниците, би довеле до ненадејно губење на свеста, внатрешно крвавење и брза смрт на дворјаните, што ја поткрепува идејата за ритуално убиство, заклучила Кембел.

Напредокот во сознанијата за етиологијата на повредите, тафономијата и нијансите на социоекономскиот статус, видливи преку начинот на погребување, овозможува повторно преиспитување на првичните заклучоци до кои истражувачите дошле пред еден век.
Современите методи биле применети особено на збирката посмртни останки што истражувачот Флиндерс Петри ги ископал во дваесеттите години на 20 век во Абидос, во јужен Египет.
Раните истражувачи сметале дека тие претставуваат докази за човечко жртвување уште на самиот почеток од египетската држава.

„Примената на знаењата и резултатите од истражувањата собирани во текот на цел еден век овозможила повторна проценка на овие наоди и осовременување на нашите сознанија, со што биле потврдени овие заклучоци“.
Сепак, овие нови сознанија истовремено го направиле разбирањето на наодите посложено, јасно покажувајќи дека погребните ритуали поврзани со погребувањето на владетелите од Првата династија веројатно биле посложени и поразновидни отколку што претходно се претпоставувало.

Авторите на истражувањето укажуваат дека оваа студија треба да ги поттикне и другите експерти, користејќи современа технологија и методи, повторно да ги проучат наодите на своите претходници и на тој начин континуирано да го унапредуваат разбирањето на животот во минатото, дури и на подрачје толку богато со археолошки наоди како што е долината на Нил.














