„BYD“ официјално пристигна во Македонија: Седум модели, цени од 26.400 евра и досег до 570 километри

Точка

02/10/2026

21:03

996

Големина на фонт

а а а

Кинескиот автомобилски гигант „BYD“ официјално влезе на македонскиот пазар, со што Македонија стана 38. европски пазар на брендот. Локален увозник и застапник е „Evolution-Auto“, а компанијата уште на самиот почеток пристигнува со широка понуда од седум целосно електрични и „plug-in“ хибридни модели.

Во понудата се „Dolphin Surf“, „Atto 2 DM-i“, „Atto 3 Evo“, „Seal U DM-i“, „Seal“, „Seal 6 DM-i“ и „Sealion 7“. Со ваквата гама, „BYD“ покрива различни сегменти – од компактен градски автомобил, преку седани и кросовери, па сè до големи електрични SUV модели. 


Најдостапен во понудата е „Dolphin Surf“, чија почетна цена изнесува 26.400 евра. „Atto 2 DM-i“ стартува од 30.400 евра, „Atto 3 Evo“ од 38.800 евра, „Seal U DM-i“ од 39.900 евра, додека електричниот „Seal“ започнува од 43.000 евра. 


Еден од главните технолошки адути со кои „BYD“ настапува на пазарот е сопствената „Blade Battery“. Станува збор за LFP батерија без кобалт, развиена со акцент на безбедноста, термичката стабилност и долгиот работен век. Според компанијата, батеријата може да издржи повеќе од 5.000 циклуси на полнење и празнење. 


Меѓу електричните модели се издвојува „Seal“, за кој се наведува досег до 570 километри според „WLTP“, во зависност од верзијата. Големиот SUV „Sealion 7“ нуди досег до 502 километри, додека неговата перформансна верзија забрзува од 0 до 100 km/h за околу 4,5 секунди. 


За купувачите кои не сакаат целосно да преминат на електричен погон, „BYD“ ги носи и своите „DM-i Super Hybrid“ модели. Кај „Seal U DM-i“ и „Atto 2 DM-i“ производителот наведува комбиниран досег од повеќе од 1.000 километри со целосно наполнета батерија и полн резервоар. 


„BYD“ првично е основан во 1995 година како компанија фокусирана на батериска технологија, а денес самостојно развива голем дел од клучните компоненти за своите електрифицирани автомобили, вклучувајќи батерии, електромотори, полупроводници и погонски системи. 


Со седум модели уште при влезот на пазарот, „BYD“ носи дополнителна конкуренција во Македонија, особено во сегментот на електрични и „plug-in“ хибридни автомобили. Покрај цените, досегот и технологијата, за домашните купувачи важна улога ќе имаат и развојот на сервисната мрежа, достапноста на резервни делови, гаранцијата и инфраструктурата за полнење.