Македонија загуби од Словенија на вчерашниот меч во Љубљана и по две одиграни кола е на последното место во групата 1 во Б сегментот во Лигата на нации.
Потребно е доста работи да се подобрат ако сакаме позитивни резултати, но и да биде конкурентни на самиот терен. Еден од играчите кои навистина се залагаа и оставија впечаток беше дефанзивецот Анес Мелиќи за кого ова беше прв натпревар како стартер во националниот тим.
-Игравме добро во второто полувреме, но примивме голови по наши грешки. Имаше осум измени во тимот во однос на претходниот натпревар. Мислам дека наскоро ќе дојдат и тимската хемија и головите, ни треба само малку време. Треба да продолжиме да работиме. Македонија ќе дојде таму каде што треба да биде со добра работа“, порача Мелиќи.
Уште еден играч кој беше нов во дефанзивната линија е Марио Младеновски.
-Сите задачи што ги работевме на тренинг од селекторот, во првиот дел ги имавме добро поставено. Имавме наши шанси во првиот дел, не ги искористивме, потоа примивме голови по наши грешки. Можеби требаше да реагирам малку подобро, почнувајќи од мене. Сега гледаме кон следниот меч со Шкотска и да го дадеме максимумот. Во првиот дел доаѓавме лесно до нивната трета зона. Чувствував дека може да дадеме гол, но среќата не нè посака во одредени моменти, -порача стоперот.








