[ФОТО] „Најздодевната земја во Европа“ привлекува сè поголемо туристичко внимание: Има 92 планински врвови и најгуста мрежа на пешачки патеки

Точка

29/09/2026

19:15

370

Големина на фонт

а а а

Во ерата на прекумерниот туризам, сè повеќе луѓе се одлучуваат за побавни патувања на места кои не се преполни со туристи, а земјата што ја опишуваат и како „најздодевната во Европа“ привлекува сè поголемо внимание.

Станува збор за Лихтенштајн, кој е втората најмалку посетувана земја на континентот.


Сместен меѓу Австрија и Швајцарија, на само триесетина километри од германската граница, Лихтенштајн се протега на само 24 километри во должина и шест километри во ширина. Во Европа, помали од него се само Ватикан, Монако и Сан Марино.


Иако е познат како дестинација каде што туристите попатно застануваат само за да направат селфи и да означат уште една посетена земја, или пак ја минуваат целата држава пеш за само неколку часа, ова гостопримливо кнежевство заслужува многу повеќе внимание, пишува „Дејли мејл“.


Како една од најмалку посетуваните земји во Европа, Лихтенштајн е целосна спротивност на масовниот туризам. Во целата земја нема ниту еден глобален хотелски синџир, па дури ни „Старбакс“. Од друга страна, ова кнежевство нуди импресивни природни убавини – дури 92 именувани планински врвови, бројни лозја и најгуста мрежа на пешачки патеки во Европа, која се протега на повеќе од 400 километри. Меѓу нив е и специјално уредената патека „Liechtenstein Trail“, долга 75 километри.


Пејзажот изгледа како од бајка – пасиштата прекриени со еделвајс (рунолист), карпестиот планински масив Ретикон и рустичните дрвени куќи доминираат со хоризонтот. Дури и самата монархија делува како да е излезена од бајка: поглаварот на кнежевското семејство, принцот Ханс-Адам Втори, живее во утврден замок од 12 век, од каде што се пружа поглед кон главниот град Вадуц, долината на Рајна и Швајцарските Алпи.


Иако нема железничка станица, автобускиот систем беспрекорно поврзува 411 постојки низ целата земја. Покрај тоа, Лихтенштајн изобилува со интересни знаменитости.

Кнежевството е основано во 1719 година за време на владеењето на императорот Карло Шести. Денес, Лихтенштајн е поврзан со Швајцарија преку царинска унија и ја користи швајцарската валута. Официјален јазик е германскиот, а се зборуваат и три локални дијалекти.


Планинарските патеки, како онаа што води од Малбун до гребенот Сареис, нудат незаборавни панорамски погледи кон Алпите, додека гастрономската понуда го вклучува и традиционалното јадење „Käsknöpfle“ – заситни кнедлички со сирење и карамелизиран кромид.


Спојот на чистиот планински воздух, богатата историја и препознатливата алпска опуштеност го прави Лихтенштајн сè уште неоткриен бисер за сите што сакаат да го избегнат туристичкиот метеж и да го доживеат автентичниот шарм на Алпите.