Наизглед едноставните и секојдневни намирници често кријат многу повеќе отколку што мислиме, а особено кога станува збор за нивното влијание врз варењето и рамнотежата во организмот. Експертите истакнуваат дека дури и овошјето што го јадеме секојдневно може да има сосема различен ефект врз здравјето на цревата – од тоа да ги „храни“ и зајакнува, до тоа да го забавува нивното функционирање и да ги оптоварува.
Еден од водечките гастроентеролози, д-р Саураб Сети од Универзитетот Харвард, составил листа од десет најчести видови овошје, рангирани од најдобрите до најлошите за здравјето на цревата, односно на целиот дигестивен систем. Неговата споредба изненадила многумина, бидејќи едно од најпопуларните овошја се нашло на самото дно на листата, пишува „Daily Mail“.
Иако милиони луѓе ги јадат за појадок, д-р Сети предупредува дека презреаните банани содржат премногу шеќер, а премалку влакна и резистентен скроб – супстанции кои ги хранат добрите бактерии во цревата. Поради тоа ги нарекува вистински „чоколадни плочки во кора“. Од друга страна, благо зелените банани се сметаат за многу подобар избор, бидејќи содржат повеќе влакна, подолго создаваат чувство на ситост и помагаат во правилното варење.

На самиот врв на листата се наоѓаат боровинките и калинката – вистински нутритивни „бомби“. Тие се богати со антиоксиданси и полифеноли, кои помагаат во намалувањето на воспалителните процеси во организмот, го штитат срцето и можат да придонесат за намалување на ризикот од хронични заболувања како дијабетес и одредени кардиоваскуларни заболувања. Според одредени истражувања, исхраната богата со полифеноли може да биде поврзана и со значително помал ризик од срцеви заболувања.
Д-р Сети особено го издвојува и кивито, како извор на растворливи влакна. Тие во цревата создаваат структура слична на гел, која може да го ублажи запекот и да го поттикне редовното варење. Редовното празнење на цревата, нагласува тој, е важно не само поради чувството на леснотија, туку и за долгорочното здравје на дигестивниот систем.

Јаболката, крушите и дињите се наоѓаат во средната категорија – добри се за хидратација и богати се со витамини, но немаат исто толку силен ефект врз цревната микрофлора како бобинките. Од друга страна, грозјето и портокалите добиле послаби оценки: иако содржат витамини и минерали, имаат помалку влакна и одредени нутритивни недостатоци во споредба со другото овошје кое се нашло при врвот на листата.
Иако се богати со витамин Ц и фолати, одредени истражувања укажуваат дека прекумерното консумирање цитрусно овошје може да има одредени несакани ефекти кај чувствителните лица, вклучително и зголемена фотосензитивност. Експертите сепак нагласуваат дека тоа не значи дека треба да се исфрли од исхраната, туку само да се консумира умерено.
На крајот, д-р Сети советува за поздрави црева почесто да се избираат боровинки, калинка и киви, додека презреаните банани да се оставаат за повремена употреба – или за подготовка на колачи, или како намирница која не треба да се консумира секојдневно.









