[ФОТО] „Renault“ ја оживеа легендата од 1960-тите: Новиот „8 Gordini“ е електричен автомобил со 270 коњски сили

Точка

28/09/2026

22:13

294

Големина на фонт

а а а

„Renault 8 Gordini Concept“ пристигнува со електромотор, погон на задните тркала и две седишта.

„Renault“ продолжува да ги оживува своите историски модели, а најновиот концепт е инспириран од моделот „8 Gordini“ од 1960-тите години.

За разлика од оригиналот со бензински мотор поставен назад, новиот „8 Gordini Concept“ е целосно електрично купе со две седишта.


Оригиналниот „Renault 8 Gordini“ беше претставен во 1964 година како спортска верзија на семејната лимузина со мотор поставен назад и погон на задните тркала.

Имаше помоќен мотор, спуштена суспензија, подобрени сопирачки и препознатлива сина каросерија со бели тркачки ленти.


Новиот концепт ја задржува токму таа комбинација од сина боја и бели ленти, но има поинакви пропорции кои придонесуваат за поагресивниот изглед на автомобилот.

Долг е 4,12 метри, широк 1,88 метри, а висок само 1,27 метри. Поставен е на тркала од 19 и 20 инчи.


Напред се наоѓаат шест кружни „LED“ фарови, додека задните светла се интегрирани во каросеријата.

Тука се и широките калници, кровниот спојлер, големиот дифузор и отворите за вентилација.


Минималистичка кабина

Ентериерот е инспириран од автомобилите од аналогната ера.

Наместо големи екрани, контролната табла има шест кружни инструменти со нагласени рамки, поставени на панел од брусен алуминиум.


Кабината добива и детали од „Alcantara“, алуминиумска централна конзола со физички прекинувачи и две спортски седишта обложени со црна и сина ткаенина.

„Renault“ наведува дека дизајнерите за овој проект направиле повеќе од 300 скици.


Целта била да се спојат елементите од историските модели со современиот дизајн.


270 коњски сили на задните тркала

„Renault“ не откри детални технички податоци за батеријата и досегот, но се наведува дека концептот го придвижува еден електромотор кој развива 270 КС и ја испраќа силата кон задните тркала.

Концептот нема да влезе во сериско производство. „Renault“ го користи како дизајнерска студија и продолжение на проектите преку кои истражува како неговото наследство би можело да се поврзе со идните модели.