Србин осомничен за измама во Салцбург: Продавал дизел за едно евро, точел гориво со хрватска картичка – оштетил фирма за 68.000 евра

Точка

28/09/2026

17:01

493

Големина на фонт

а а а

Еден 29-годишен Србин е осомничен дека во Салцбург спроведувал необична измама со гориво. Според обвинението на обвинителството во овој австриски град, тој користел картичка за гориво на една хрватска транспортна компанија и им продавал дизел на локалните жители по цена од едно евро.

Сè наводно започнало во септември 2025 година, кога неименуваниот Србин кој живее во Салцбург, на засега непознат начин дошол до картичката за гориво на споменатата компанија и ја оштетил за околу 68.000 евра, пренесуваат австриските медиуми.

Дизел по едно евро за литар

Според полицискиот извештај, 29-годишникот станал невнимателен и своите „услуги“ им ги понудил на поширок круг луѓе, со што го привлекол вниманието на полицијата, пренесе „блиц.рс“.


Заинтересираните му се јавувале и се среќавале со него на одредена бензинска пумпа во Салцбург, која ја прифаќала картичката за плаќање гориво на оштетената компанија.

Таму осомничениот наводно им точел гориво во возилата на муштериите, а некои, според достапните информации, доаѓале и со канистри. Дизелот, на воодушевување на муштериите, го продавал за само едно евро за литар.

Продал 54.000 литри дизел

Според обвинението на обвинителството во Салцбург, 29-годишникот ја искористил картичката за гориво вкупно 136 пати до јануари оваа година.

Станува збор за огромна количина: на овој начин биле наточени вкупно 54.000 литри дизел. Обвинителството ја проценува причинетата штета на околу 68.000 евра.


Досега неосудуваниот 29-годишник ќе мора да одговара пред Окружниот суд во Салцбург, а се товари за измама при обработка на податоци и фалсификување документи, се наведува во соопштението на надлежните институции во Салцбург.