Драмски театар Скопје на 25 септември, со почеток во 20:00 часот, ќе гостува на 29. Меѓународен театарски фестивал „Денови на комедија“ во Куманово со претставата „Болва в уво“ од Жорж Фејдо, во режија и адаптација на Синиша Евтимов.
Претставата ќе биде изведена на големата сцена на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“.
Фестивалот годинава се одржува од 23 септември до 5 октомври и во програмата носи 11 претстави од театри од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и од Бугарија. Десет претстави се дел од натпреварувачката програма, во чии рамки ќе бидат доделени награди за најдобра претстава, режија, актер, актерка, сценографија, костимографија и најмлад актер.
„Болва в уво“, една од најпознатите фарси на францускиот драмски автор Жорж Фејдо, во постановката на Драмски театар е динамична театарска машина во која еден мал сомнеж е доволен да предизвика лавина од недоразбирања. Љубовната несигурност го придвижува светот на погрешни врати и соби, заменети идентитети, неочекувани средби и луѓе кои постојано се наоѓаат на погрешното место во погрешно време. Секој обид да се воспостави ред создава уште поголем хаос, а забрзаното темпо на сценската игра ја води фарсата кон нејзините крајни комични последици.
Во режисерското читање на Синиша Евтимов, зад механизмот на фарсата стои свет во кој сите зборуваат, но никој вистински не слуша. Ликовите комуницираат преку сомнежи, претпоставки, полуинформации и недоизговорени реченици, додека љубомората, стравот и лагата стануваат движечка сила на нивното однесување. Дијалогот постои, но често само како маска за низа паралелни монолози, а малите приватни „војни“ се раѓаат во главите на ликовите уште пред да постои вистинска причина за нив.
Оттаму, креветот што се врти, вратите што се отвораат и се затвораат и телата што непрестајно се разминуваат и се судираат не се само препознатливи механизми на класичната фарса туку и сценска топографија на недоразбирањето. Во навидум елегантниот свет на La Belle Époque, под површината на рационалноста и општествените правила, се откриваат ниските страсти, паранојата и човековата опседнатост со туѓите постапки. Претставата ја задржува експлозивната комика на Фејдо, но истовремено го отвора прашањето колку од тој свет на неслушање, сомнежи и однапред создадени вистини препознаваме и денес.
Во претставата настапуваат: Дениз Абдула во улогите на Виктор и на Поше, Ања Митиќ како Рената, Марјан Наумов како Миле, Лазар Христов како Ристе, Игор Стојчевски како д-р Филев, Стефан Вујисиќ како Дони Карлос Хоменидес, Нина Елзесер како Луси, Владимир Петровиќ како Бегби, Рубенс Муратовски како Филип, Катерина Шехтанска-Лаковски како Оли, Томислав Давидовски како Ангел, Јована Спасиќ како Анета, Петар Стојковиќ како Бате и Ивана Павлаковиќ како Евгенија.
Режијата и адаптацијата се на Синиша Евтимов, сценографијата е на Мартин Манев, а костимографијата на Раде Василев. Инспициент е Жарко Намичев, а суфлер Милка Анчевска.
„Болва в уво“ премиерно беше изведена на 17 декември 2025 година на големата сцена на Драмски театар. Претставата трае 125 минути без пауза. Публиката повторно ќе може да ја погледне на репертоарот на Драмски театар Скопје на 10 октомври, со почеток во 20:00 часот, а билети може да се купат на билетарницата на театарот и на веб-страницата dramski.mk.
















