[ВИДЕО] Што има во ѕидовите на куќата на еден наркобос: Пронајдени 3,2 милиони евра, калашникови и 11 часовници „Rolex“

Точка

23/09/2026

16:52

810

Големина на фонт

а а а

Полицијата во Италија пронашла повеќе од три милиони евра во готовина скриени во ѕидовите и во други делови од куќата на наводен наркобос во Каивано, предградие на Неапол познато по присуството на мафијашката организација Камора.

Неаполскиот обвинител Никола Гратери за „AFP“ изјави дека при претресот биле пронајдени околу 3,2 милиони евра, како и автоматски пушки калашников, друго оружје и 11 часовници „Rolex“.

Парите биле скриени во специјално направени простори во ѕидовите, под подот и туш-кадата, а полицијата при претресот морала да крши делови од куќата за да стигне до скриените снопови банкноти.

„Знаевме дека парите се таму, но не знаевме каде, па практично ја расклопивме куќата“, изјави Гратери.

Според италијанските истражители, готовината најверојатно претставувала приход од продажба на дрога, а дел од неа бил користен за финансирање нови набавки на наркотици.

До откритието дошло во рамките на истрага започната во 2023 година, која оваа недела резултирала со апсење на 34 лица. Од нив, 23 биле испратени во притвор, додека 11 биле ставени во домашен притвор.

Осомничените се товарат, меѓу другото, за припадност на вооружена криминална организација од мафијашки тип, трговија со наркотици, изнуда и поседување дрога со намера за продажба. Истражителите ги поврзуваат со кланот Анџелино, кој дејствува на подрачјето на Каивано и Казорија.

Според истражителите, некои од скривалиштата биле заштитени со електронски безбедносни системи, а парите биле уредно спакувани, главно во банкноти од 50 евра.