Македонскиот КИЦ го продолжува филмското патување, а новата филмска дестинација на 2. патувачки Фестивал на македонски филм беше отварањето во Загреб во присуство на меѓународно реномираниот македонски режисер Митко Панов со чие најново филмско остварување документарно-играниот филм „Железна тврдина“, се отвора фестивалот во 11 градови во Хрватска.
На отворањето се обратија амбасадорот на Македонија во Хрватска, Драган Ѓурчевски, директорката на Македонскиот КИЦ во Загреб, Мими Ѓоргоска Илиевска и раководителката на ДОКУ Кино КИЦ Дина Покрајац, кои го истакнаа значењето на фестивалот за претставувањето на македонската кинематографија пред хрватската публика и за продлабочувањето на културната соработка меѓу двете земји.
По проекцијата на филмот, присутната публика имаше можност да разговара со режисерот Митко Панов, а модератор беше хрватскиот филмски критичар и историчар Силвестар Милета. Во разговорот беа отворени повеќе аспекти поврзани со авторскиот пристап на Панов, инспирацијата и процесот на создавање на филмот, како и темите што ги отвора „Железна тврдина“. Средбата овозможи непосреден дијалог меѓу авторот и публиката и дополнително ја збогати фестивалската вечер.
„По успешното прво издание, македонскиот КИЦ во Загреб преку Фестивалот на македонски филм продолжува да ја афирмира македонската кинематографија пред хрватската публика и да придонесува кон продлабочување на културната соработка меѓу Македонија и Хрватска. Второто издание носи внимателно избрана селекција на документарни филмови кои отвораат универзални теми поврзани со човекот, идентитетот, миграцијата, природата и општеството, но и филмови што претставуваат значаен дел од македонското филмско и етнолошко наследство. Особено ни е важно што фестивалот патува низ Хрватска и овозможува македонскиот филм да стигне до публиката во различни градови“, истакна директорката на Македонскиот КИЦ во Загреб, Мими Ѓоргоска Илиевска.
И оваа година, Македонскиот КИЦ во Загреб го организира фестивалот во партнерство со Кинотеката на Македонија и Хрватската мрежа на независни киноприкажувачи, како дел од својата годишна програма поддржана од Министерството за култура и туризам. Фестивалот се реализира во соработка со партнерски културни институции и организации во Хрватска.
Утре, во присуство на режисерот Митко Панов, фестивалското патување продолжува во Кино Едисон во Карловац.












