Новите геофизички мерења укажуваат на можноста под гробницата на египетскиот фараон Тутанкамон во Долината на кралевите во Египет да се наоѓаат скриени простории и ходници, соопштија денес истражувачите.
Тим предводен од египтологот и поранешен египетски министер за антиквитети Мамдух Елдамати првпат користел гравиметриски мерења за анализа на густината на почвата под гробницата, позната како КВ62, пренесе „Дер Шпигел“.
Гробницата била откриена во 1922 година речиси недопрена, а во неа биле пронајдени бројни предмети, меѓу кои и познатата златна маска на фараонот.
Археолозите веќе долго време претпоставуваат дека зад ѕидовите на гробницата, која е стара повеќе од 3.300 години и е невообичаено мала за еден фараон, би можеле да се наоѓаат дополнителни простории.
Доколку нивното постоење биде потврдено, Елдамати смета дека тоа би било едно од најзначајните археолошки откритија на модерното време.
Една од теориите е дека скриените простории би можеле да бидат поврзани со гробницата на кралицата Нефертити, сопругата на таткото на Тутанкамон, Ехнатон.
По неговата смрт, Нефертити можеби извесен период и самата владеела како фараон, но нејзината судбина и местото каде што била погребана до денес не се утврдени со сигурност.
Истражувачите во 2022 година соопштија дека можеби ја пронашле нејзината мумија во Долината на кралевите, но за тоа сè уште нема докази.
Според друга теорија, гробницата на Нефертити можеби била преуредена за Тутанкамон по неговата ненадејна смрт, додека нејзината мумија можеби останала во скриена просторија.
Експертите, сепак, предупредуваат дека не треба да се очекува спектакуларно откритие.

Американскиот египтолог Реј Џонсон за списанието „Нејчр“ изјавил дека просториите, доколку постојат, можеби служеле само како складишта, а не како раскошна кралска гробница.
Дури иако биде пронајдена мумијата на Нефертити, таа би можела да биде во многу лоша состојба, додека не се очекува пронаоѓање богатство, бидејќи погребните предмети веројатно биле отстранети и повторно употребени во гробницата на Тутанкамон.
Елдамати и неговите колеги планираат од површината да издупчат мали отвори кон местото каде што претпоставуваат дека се наоѓа една од скриените простории.

Истражувачите веќе тестираат минијатурни роботи на далечинско управување, опремени со камери кои снимаат во сите правци. Тие би можеле да поминат низ отворите и да утврдат што се наоѓа зад ѕидовите на гробницата.
За почетокот на работите сè уште е потребна дозвола од Врховниот совет за антиквитети, а доколку биде одобрена, истражувањата би можеле да започнат уште во ноември.











