Германскиот канцелар Фридрих Мерц се обрати по серија изборни порази, истакнувајќи ги предизвиците со кои се соочува Германија. Тој ги нагласи потребните реформи како клучни за иднината и противувањето на авторитарните тенденции во земјата.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц ѝ се обрати на јавноста откако пристигнаа првите резултати од покраинските избори во Германија.
Обраќањето на Мерц доаѓа во момент на голем политички притисок врз канцеларот и неговата Христијанско-демократска унија (ЦДУ). Партијата пред две недели претрпе тежок пораз на изборите во Саксонија-Анхалт, каде што АфД освои речиси 44 отсто од гласовите, додека ЦДУ падна на околу 17 отсто. По тие резултати дополнително се засилија дискусиите за политичката иднина на Мерц.
Денеска се одржаа избори и во Берлин и во Мекленбург-Западна Померанија, кои германските медиуми ги опишуваат како нов важен тест за Мерц. „Билд“ објави дека канцеларот за 17 часот во седиштето на ЦДУ го повикал партискиот врв и сите осум покраински премиери од редовите на ЦДУ.
И покрај шпекулациите за негово заминување, сите осум покраински премиери на ЦДУ пред неколку дена јавно му дадоа поддршка на Мерц и ги отфрлија дискусиите за промена на чело на партијата и владата.
Германскиот канцелар, притоа, не може едноставно да биде сменет со обично гласање во Бундестагот. Доколку неговите коалициски партнери или дел од неговата партија сакаат да го сменат против негова волја, преку таканаречено конструктивно гласање недоверба истовремено треба да обезбедат апсолутно мнозинство за негов наследник.
Друга можност е Мерц самиот да поднесе оставка или да побара гласање доверба, чиј неуспех би можел да го отвори патот кон предвремени избори.
Мерц: Ова е катастрофа
Германскиот канцелар се осврна на резултатите на ЦДУ во текот на 2026 година. Додека резултатот во Берлин го оцени како солиден, за Мекленбург-Западна Померанија рече дека не може да се разубавува.
„Резултатот во Мекленбург-Западна Померанија не можеме да го разубавуваме, тоа е катастрофа", рече Мерц.
Тој потсети дека ЦДУ во текот на годината остварила различни изборни резултати. Истакна дека партијата станала најсилна политичка сила и по 35 години повторно ја презела одговорноста за водење на владата.
На локалните избори во Хесен и Долна Саксонија, како што рече, ЦДУ повторно била најсилната партија.
„ЦДУ на крајот беше сомелена меѓу СПД и АфД“
Говорејќи за денешните избори, Мерц нагласи дека резултатите во двете покраини се многу различни.
„ЦДУ се бореше, но на крајот беше сомелена во заострената борба меѓу СПД и АфД“, рече тој за резултатот во Мекленбург-Западна Померанија.
За Берлин рече дека Штефан Еверс ја презел улогата на главен кандидат во многу тешка ситуација и веднаш влегол во изборната кампања.
„Со целосен ангажман и голема посветеност ја доведе ЦДУ до солиден резултат“, рече Мерц и им се заблагодари на сите кои во текот на годината воделе кампања за партијата.
Тој додаде дека многумина го правеле тоа во многу тешки услови, „и затоа што изостана ветерот во грб од Берлин“.
Мерц за состојбата во Германија
Мерц потоа го прошири говорот и на состојбата во Германија.
„Без оглед на различните изборни резултати, сите заедно сме загрижени за иднината на нашата земја“, рече тој.
Германија, според неговите зборови, има држава која станала премногу комплицирана, економија која минува низ длабока трансформација и општество во кое тонот на меѓусебната комуникација станува сè погруб и понепомирлив.
Тој предупреди и на падот на довербата во институциите.
„Довербата во институциите на нашата земја опаѓа, а радикалните партии од левицата и десницата активно ја поткопуваат“, рече Мерц.
Мерц смета дека Германија и Европа повторно мора темелно да разговараат за слободата, секојдневната безбедност, мирот, како и за сопствените силни и слаби страни.
„Одговорот не може да биде враќање во старите добри времиња. Но, одговорот не може да биде ниту постојано да го претставуваме сето она што е добро како лошо. Одговорот мора да биде да ја подготвиме нашата земја за иднината“, рече тој.
Мерц порача дека сака Германија повторно да стане земја на оптимизам и напредок.
„Сакам нашата земја повторно да верува во сопствената сила. Сакам ветувањето за општествен напредок и благосостојба повторно да важи, особено за младите луѓе“, рече тој.
Притоа се повика на поранешниот германски канцелар и министер за економија Лудвиг Ерхард и неговата позната книга „Благосостојба за сите“.
„Благосостојба и за младата генерација, всушност, би требало да биде продолжение на таа книга“, рече Мерц.
Мерц порача дека неопходните промени за многу граѓани ќе значат и дополнителни оптоварувања и нови неизвесности, а ефектите од некои мерки ќе станат видливи дури по одредено време.
„Токму затоа сега не можеме да ги одложуваме тие одлуки. Реформите мора да дојдат. Секако дека тоа сите нè доведува во тешка ситуација. Но, ние ја преземаме таа одговорност. Јас ја преземам таа одговорност бидејќи сакам да ја придвижам нашата земја", рече Мерц.
Тој додаде дека е убеден оти успехот на реформите нема да го подобри само заедничкиот живот во Германија, туку и начинот на кој земјата се гледа себеси и како на неа гледа остатокот од светот.
„Германија е способна за реформи“, порача Мерц.
Канцеларот потоа отиде чекор понатаму и реформите ги поврза со зајакнувањето на авторитарните политички тенденции.
„Ќе одам дотаму што ќе кажам: овие реформи се средство против авторитарниот отров, против фасцинацијата од авторитаризмот која сè подлабоко продира во нашето општество“, рече Мерц.
Тој заклучи дека она што следува бара цврст став, истрајност и трпение.
„Јас ќе го покажам тоа, како претседател на ЦДУ и, пред сè, како сојузен канцелар на нашата земја“, порача Мерц.
















