Нова победа за АфД на покраинските избори во Германија, Мерц го нарече резултатот катастрофа

Макфакс

20/09/2026

20:10

292

Големина на фонт

а а а

Алтернатива за Германија (АфД) го освои најголемиот број гласови на покраинските избори во Мекленбург-Западна Померанија, додека во Берлин на првото место излезе Левица. Канцеларот Фридрих Мерц го нарече лошиот изборен резултат на ЦДУ „катастрофа“, додека АфД продолжува да ја зголемува својата политичка сила во Германија.

Алтернатива за Германија (АфД) освои најмногу гласови на покраинските избори во Мекленбург-Западна Померанија, покажуваат излезните анкети, додека на изборите во Берлин на првото место е Левица. Канцеларот Фридрих Мерц резултатот на неговата ЦДУ во Мекленбург-Западна Померанија го нарече „катастрофа“.

Според излезната анкета на јавниот сервис АРД, АфД во Мекленбург-Западна Померанија освоила 37 отсто од гласовите, пред Социјалдемократската партија (СПД) со 35,5 отсто. Христијанско-демократската унија (ЦДУ) на Мерц освоила само 5,5 отсто и е непосредно над изборниот праг за влез во покраинскиот парламент.

Доколку резултатот биде потврден, тоа ќе биде најлошиот резултат на ЦДУ на покраински избори од 1949 година. Истовремено, ова е уште едно прво место на АфД на покраински избори во период од еден месец. Сепак, малку е веројатно дека партијата ќе формира власт во Мекленбург-Западна Померанија, бидејќи другите големи партии ја исклучуваат можноста за коалиција со неа.

„Ова е катастрофа“, изјави Мерц во телевизиско обраќање по објавувањето на излезните анкети. Тој, сепак, сигнализираше дека има намера да продолжи да ја извршува функцијата канцелар, по шпекулациите дека лошиот изборен резултат би можел да доведе до негово повлекување.

Истовремено се одржаа избори и во германската престолнина Берлин, каде што според излезната анкета на АРД, Левица (Die Linke) освоила најмногу гласови – 24,5 отсто.

ЦДУ е втора со 20 отсто, додека АфД го зголемила своето учество и е трета со 16 отсто од гласовите. Левица, сепак, ќе има потреба од коалициски партнери доколку сака да ја преземе градската власт.

Изборите во Мекленбург-Западна Померанија, претежно рурална покраина во источниот дел на Германија, и во Берлин следуваат две недели по изборите во Саксонија-Анхалт, каде што АфД исто така освои најмногу гласови и беше блиску до апсолутно мнозинство.

Резултатите повторно ја отвораат дебатата за таканаречениот „заштитен ѕид“ во германската политика, односно стратегијата според која другите големи партии одбиваат да склучуваат коалициски договори со АфД.

АфД во изминатата деценија прерасна од евроскептично движење во една од водечките политички сили во Германија. Партијата се залага за построги мерки за депортација на странци кои немаат право на престој во земјата, обновување на енергетските врски со Русија и напуштање на еврото.