Костадиновски: Во Уставниот суд не смеат да постојат ‘чувствителни’ предмети

Макфакс

16/09/2026

16:20

145

Големина на фонт

а а а

Дарко Костадиновски, претседател на Уставниот суд, истакна дека во судството не треба да постојат ‘чувствителни’ предмети и дека Судот треба да донесува одлуки без компромиси, нагласувајќи ја важноста на довербата и транспарентноста во работењето на судот.

Во уставното судство не смеат да постојат „чувствителни“, „помалку чувствителни“ или „премногу чувствителни“ предмети, туку само уставна обврска Судот да одлучува, порача претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, на регионалната конференција „Како да се зголеми довербата во уставните судови“, која денеска и утре се одржува во организација на Судот.

Костадиновски истакна дека довербата е најважниот капитал на секој уставен суд и дека неговиот авторитет произлегува од квалитетот на одлуките и довербата што ја ужива кај граѓаните.

Говорејќи за практиката на Судот, тој посочи дека со текот на времето дошол до заклучок дека „неодлучувањето никогаш не е неутрално“, наведувајќи ги како примери предметите за Законот за т.н. СЈО, Одлуката за промена на имињата на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти во Општина Тетово, Законот за ратификација на Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 848 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации.

„И тогаш кога Судот не донесува одлука, тој, всушност, дозволува постојната состојба да продолжи да произведува правни последици. А кога таквата состојба е противречна и создава контроверзии, Уставниот суд, со своето неодлучување, толерира состојба на потенцијална неуставност“, рече Костадиновски.

Како еден од првите предмети со кои Судот покажал поинаков пристап го посочи предметот за т.н. „Балансер“.

„Уставниот суд покажа дека повеќе нема недопирливи предмети. Покажа храброст и одлучност и не се двоумеше да донесе одлука со која испрати јасна порака до сите носители на државната власт: комодитетот, комфорот што со децении го уживавте, повеќе го немате“, истакна Костадиновски.

Според него, кога кај политичарите и државните органи се појавува нервоза поради одлуките на Уставниот суд, тоа најчесто значи дека Судот ја извршува својата функција независно и без компромиси.

Како втор столб за градење доверба во уставното судство ги посочи транспарентноста и отвореноста кон јавноста. Костадиновски потсети дека од март годинава седниците на Уставниот суд се емитуваат во живо, а судиите почесто ги објаснуваат одлуките пред јавноста.

„Целта не беше да ги направиме одлуките популарни. Целта беше тие да станат поразбирливи“, рече тој.

Според Костадиновски, зголемениот интерес за работата на Судот се гледа и преку бројот на оформени предмети. Заклучно со минатиот месец биле оформени вкупно 239 предмети, што, како што посочи, е рекордна бројка во споредба со претходните години.

Тој се осврна и на Извештајот на Европската комисија за владеењето на правото за 2026 година, посочувајќи дека во него се констатира напредок во капацитетите на Судот за заштита на уставноста и законитоста.

„Најсигурниот показател дека Уставниот суд навистина ја исполнува својата уставна улога не се аплаузите што ќе ги добие, туку моментот кога носителите на политичката моќ ќе сфатат дека повеќе не можат да сметаат на институционален комодитет и дека единствената граница на нивното постапување е Уставот“, порача Костадиновски.

Конференцијата се одржува со поддршка на Германската фондација за меѓународна правна соработка – ИРЗ, а воведно обраќање имаше и Штефан Пирнер од фондацијата.