Од олигархот на Путин до синот на Трамп – Свадба на Бахамите: Кој е „драгиот пријател“ што платил за дводневен закуп на остров? Само огнометот чинел 70.000 долари!

Точка

15/09/2026

21:10

533

Големина на фонт

а а а

Бетина Трамп, сопругата на Доналд Трамп помладиот, потврдила дека нивната свадба во мај во луксузно одморалиште делумно ја платил Умар Кремљов, руски олигарх близок до претседателот Владимир Путин.

Би-би-си пренесува дека во објава на нејзиниот профил на Инстаграм – која им се припишува на Бетина и на најстариот син на Доналд Трамп – се наведува дека две ноќи од прославата за време на нивната тридневна свадба на приватен остров на Бахамите делумно биле финансирани токму од Кремљов.

Соопштението било објавено синоќа, откако истражувачкиот новинарски портал „Пропублика“ објави сторија во која детално се наведува дека Кремљов платил „стотици илјади долари“ за прославата.


Британскиот медиумски сервис напоменува дека Доналд Трамп помладиот е приватно лице, па затоа не е незаконски да прима подароци од странски државјанин.

„Нашиот драг пријател Умар многу великодушно организираше две неверојатни вечери за прослава за нас по нашата венчавка. Тоа беше исклучително великодушен свадбен подарок од пријател и нешто за што му бевме и сè уште сме неверојатно благодарни“, навел парот во соопштението.


„Луѓето не даваат стотици илјади долари, а да не сакаат нешто за возврат“

Меѓутоа, организациите што се занимаваат со етички прашања навеле дека ова и понатаму претставува нешто што наликува на судир на интереси, кога синот на претседателот на САД, дури иако не е функционер во американската влада, прифаќа раскошни подароци од некој кој е поврзан со лидер на друга држава.

„Луѓето не му даваат стотици илјади долари на некој случаен познаник, а да не сакаат нешто за возврат. Можете да замислите како (Путин) би уживал во целото медиумско внимание што го привлекува тоа што луѓето од неговото опкружување им се додворуваат на луѓето од опкружувањето на претседателот“, изјавил Џордан Либовиц, потпретседател за комуникации на организацијата Граѓани за одговорност и етика во Вашингтон (CREW).


Според наводите на „Прорепублика“ парот се венчал на приватен остров на Бахамите, а потоа одржал дводневна прослава на друг остров, кој се изнајмува за околу 100.000 долари за една ноќ.

„Кремљов платил и други трошоци за забавата, вклучувајќи и огномет во вредност од околу 70.000 долари“, се наведува во извештајот.

Би-би-си наведува дека Кремљов раководи со Меѓународната боксерска асоцијација (ИБА), организација која е финансирана од руската државна енергетска компанија „Газпром“.

Меѓународниот олимписки комитет (МОК) ја суспендирал ИБА од натпреварувањата, делумно и поради тоа што не ги пријавила врските што ги има со рускиот енергетски гигант.

Претходно годинава, Кремљов бил дел од делегацијата на Путин за време на посетата на Кина.


Претседателот на Русија, исто така, му го доделил на Кремљов Орденот на пријателството, највисоко државно одликување.

Портпаролот на Трамп помладиот за „Прорепублика“ изјавил дека синот на претседателот и Кремљов се лични пријатели и дека немаат „деловен однос“.

Во соопштението испратено до американскиот медиум, од кабинетот на Кремљов навеле дека „господинот Кремљов и господинот Трамп помладиот имаат пријателски однос“.

Во соопштението се наведува дека двајцата се запознале пред неколку години.

„Прорепублика“ објави дека Кремљов присуствувал на дел од свадбената прослава на Бахамите.


Меѓу останатите гости биле и Иванка Трамп, една од ќерките на американскиот претседател, и нејзиниот сопруг Џаред Кушнер, кој е ангажиран во дипломатските преговори на САД со Иран, Русија и на Блискиот Исток.

Би-би-си потсетува дека Трамп и неговото семејство се соочија со обвинувања за врски со Русија за време на претседателските избори во 2016 година, што резултираше со истрага на американскиот специјален обвинител.

„Има 300 милиони долари, можел самиот да плати“

Се наведува дека за време на кампањата Доналд Трамп Помладиот посредувал во организирањето состанок во „Трамп тауер“ со руски оперативец, што било предмет на детално испитување во текот на истрагата.

Либовиц изјавил дека или претседателот, кој е милијардер, или Трамп помладиот – чие богатство, според „Форбс“, се проценува на 300 милиони долари – можеле сами да ја платат целата свадба за да избегнат судир на интереси.


„Неговиот татко има милијарди, можел да ја плати сметката. Очигледно е дека едноставно не сакале да го платат тоа. Нив, всушност, не ги интересираат етичките последици“, истакнал Либовиц.