[ВИДЕО] Се урна новинарски хеликоптер што снимал сообраќајна несреќа во САД; тројца загинати

Макфакс

16/09/2026

10:00

650

Големина на фонт

а а а

Новинарски хеликоптер на американската телевизиска станица KNBC се урна во Лос Анџелес при снимање на сообраќајна несреќа, при што загинаа три лица. Се уште не е позната причината за несреќата, а екипите за итна помош и истражителите се на теренот.

Хеликоптер на американската телевизиска станица KNBC се урна синоќа во Лос Анџелес. Загинаа најмалку три лица, вклучително и пешак на паркинг, а едно лице беше пренесено во болница.

Хеликоптерот се урна нешто пред 19 часот по локално време, на околу 40 километри северозападно од центарот на Лос Анџелес. Екипи за итна помош и новинарски екипи се наоѓаа во близина во тоа време, известувајќи за посебна несреќа со автобус во која исто така имаше жртви.

„Ја изгубивме врската со нашите луѓе“
„Знаеме дека станува збор за новинарски хеликоптер и знаеме дека ја изгубивме врската со нашите луѓе“, изјави во етер водителката на KNBC, Колин Вилијамс. Претходно таа вечер, таа соопшти дека станицата ја изгубила врската со екипажот на хеликоптерот.

Противпожарната служба на Лос Анџелес соопшти дека на местото на несреќата се пронајдени три починати лица, додека едно лице е пренесено во локална болница. Неговата здравствена состојба е непозната.

Причината за несреќата сè уште не е позната, а надлежните не го соопштија бројот на лица што се наоѓале во хеликоптерот. Силверман изјави дека леталото е речиси целосно уништено и оти истражителите ќе мора да ги пребараат остатоците за да ги идентификуваат жртвите.

Избувна пожар
Хеликоптерот се урна во близина на неколку возила и два големи транспортни контејнери, при што избувна пожар. На снимките од местото на настанот се гледаат пламен и густи облаци чад.