[ВИДЕО] Илон Маск се заканува со тужба поради документарниот филм за неговиот живот којшто доби стоечки овации во Венеција - што е спорно?

Точка

12/09/2026

19:17

573

Големина на фонт

а а а

Документарецот „Мusk“ доби пофалби, но Илон Маск и неговиот правен тим тврдат дека информациите се неточни и непотврдени.

Адвокатот на Илон Маск се закани дека ќе ги тужи продуцентите на четиричасовниот документарен филм посветен на милијардерот, меѓу другото, обвинувајќи ги авторите дека не ги провериле фактите при снимањето на филмот.

Адвокатот: Режисерот не ги проверил фактите со Маск

Адвокатот на најбогатиот човек во светот, Алекс Спајро, во писмо со опомена од 3 септември го обвинува режисерот, добитник на Оскар, Алекс Гибни, дека го базира документарецот „Мusk“ на однапред донесени заклучоци, наместо на непристрасно истражување.

Спајро го обвинува режисерот дека не ги проверил презентираните факти за Маск или неговите соработници, пренесува „Франс Прес“.

Адвокатот го издвои наводниот податок дека сателитите „Starlink“ на Маск биле користени за влијание врз претседателските избори во САД во 2024 година.

„Вие бевте информирани, пред премиерата на филмот, дека овој податок е лажен, дека јавно достапните материјали го побиваат и дека сте избрале да не го слушнете останатото“, пренесува „Холивуд репортер“ дел од писмото на Спајро.


Во соопштение за истиот медиум, продуцентската куќа „Jigsaw Productions“ ја бранеше точноста на информациите во филмот и рече дека Маск, како „апсолутист на слободата на говорот“, треба да го поддржи нивното право да ги испрашуваат моќните личности.

Филмот доби стоечки овации и пофалби

Филмот „Мusk“ беше прикажан на Филмскиот фестивал во Венеција во вторникот и доби стоечки овации од публиката и пофалби од критичарите.

Во него, Гибни го следи патувањето на сопственикот на „SpaceX“, „X“ и „Tesla“ од неговото раѓање во Јужна Африка до неговиот пробив во Силиконската долина на почетокот на 2000-тите.

Филмот, исто така, се осврнува на тешкото детство на Маск, како и на 14-те деца што ги има со повеќе жени.

Адвокатите предупредија дека би можеле да поднесат тужби за клевета против продуцентите и дистрибутерите на филмот, вклучувајќи ги „HBO“, „Bleecker Street“ и „Universal“.


Делото на Гибни често се занимава со теми на моќни институции и организации, како што се филмови за Црквата на саентологијата или меѓународната шпионажа.

Гибни беше награден со Оскар за најдобар документарен филм за „Taxi to the Dark Side“, филм за тортурата што ја извршила американската војска во Авганистан.

Во последните денови, Маск го нападна во најмалку десетина објави на неговата платформа „Х“, нарекувајќи го режисерот „ужасен човек“, а неговиот документарец здодевен памфлет.